Утре на небото не очекува вистински спектакл, истото ќе се повтори дури во 2026 година

|

Во среда на небото ќе биде видлива сината Супермесечина. Овој термин не означува дека месечината ќе биде сина, туку, во еден ист месец полната месечина се појавува два пати. Имено, првата полна месечина овој месец можеше да се види на 1 август, додека втората (сина) ќе биде утре, 30 август.

Во просек, Супермесечината е околу 16% посветла од просечната полна Месечина и изгледа поголема од просечната полна месечина. Феноменот се јавува кога орбитата на Месечината е најблиску до Земјата и истовремено Месечината е полна. Последната од четирите последователни Супермесечини оваа година ќе биде Месечината на 28 септември.

Доколку утре не ја видите сината супер месечина, за следната ќе мора да почекате. Имено, додека околу 25% од полните месечини се Супермесечини, кои се доста чести, само 3% од полните месечини се сини месечини, според НАСА. Следната сина Месечина нема да биде видлива до мај 2026 година. А во 2037 година овој феномен ќе биде видлив во јануари и во март.

Заедно со сината Супермесечина, во среда на небото ќе биде видлив и Сатурн, па на љубителите на астрономијата им претстои вистинско небесно уживање.

Зошто се случува овој феномен?
Патеката по која Месечината орбитира околу Земјата не е совршен круг, туку малку издолжена елипса. Точката која е најблиску до Земјата се нарекува перигеј, а најдалечната точка се нарекува апогеј. Во овој случај месечината се наоѓа во перигеј. Во просек, Месечината е оддалечена од Земјата околу 384.400 километри.

Под влијание на гравитацијата на Сонцето и планетите, патеката на Месечината се поместува дополнително во однос на Земјата, така што секој перигеј не е подеднакво блиску, како што не е секој апогеј подеднакво далеку. На перигејот, Месечината е најблиску до Земјата на околу 363.295 км, додека во апогеј, таа е најоддалечена околу 405.503 км.

Супермесечината не е официјален, астрономски термин, туку кованица измислена од набљудувачите на небото и медиумите. Астрономите ги користат термините Месечина во перигеј и Месечина во апогеј.

Што е сина месечина?
Сината месечина е феномен во кој полна месечина се појавува по втор пат во еден календарски месец. Ваквата појава е можна затоа што на Месечината и се потребни 29,53 дена да ја обиколи Земјата, додека календарскиот месец може да трае 31 ден.