Утре СДСМ одлучува за оставката на Заев, а Алтернатива ќе дискутира за влез во Владата

|

Поради настанатата ситуација во државава во вторникот беа одложени донесувањето на мерките за заштита од болеста, како и верификувањето на оставката на Зоран Заев од партиското раководство, што го најави пред изборите. Како што и соопштија пред два дена активностите ќе продолжат утре, по завршувањето на тридневната жалост.

Алтернатива потврди дека ќе одржи состанок на извршното раководство на кое ќе се разговара за евентуално влегување во Владата или останување во опозиција. Сепак, како што информираат од партијата, конечната одлука не се очекува утре.

„Утре ќе разговараме дали да ја прифатиме поканата за почеток на преговори. Потоа, Централното собрание на Алтернатива треба да донесе конечна одлука дали ќе станеме или не дел од парламентарното мнозинство“, соопштуваат од Алтернатива.

Активности се најавени и во СДСМ, со што партијата утре доцна попладне ќе го свика централното раководство на кое се очекува да биде финализирана оставката на Заев на лидерската позиција. Доколку тоа се случи утре, партиските органи во рок од 15 дена ќе мора да распише избори за нов претседател. Сеуште не се знае ниту дали новоизбраниот претседател на партијата би бил и новиот мандатар на Владата.