Утрово земјотреси регистрирани и во Грција, Турција и Хрватска

|

Земјотрес со јачина од 4,2 степени по Рихтерова скала рано утрово ја погоди Албанија, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ). Потресот кој се случил две минути пред 3:00 часот наутро со епицентар на 48 километри западно од Призрен е почувствуван и во Македонија, Црна Гора, Србија и на југот на Косово.

Според информациите на ЕМСЦ, земјотрес утрово ја погоди и Грција, во реонот на Халкидики. Центарот извести дека во изминативе 24 часа во Грција биле регистрирани 11 помали потреси, меѓу кои и еден во Калитеа.

Земјотрес со јачина од 5,2 степени по Рихтер, пак, вчера го погоди источниот дел на Турција, јавуваат тамошните медиуми. Според информациите, земјотресот бил на длабочина од седум километри. Епицентарот на земјотресот бил во градот Путурга во регионот Малтаја во 5 часот и 2 минути по локално време.

На некои места се забележани материјални штети, а жителите во погодените подрачја за медиумите во Турција изјавиле дека земјотресот бил силен и траел околу четири минути.

Утрово во 6 часот и 30 минути два земјотреса го погодија и реонот на Велика Горица во Хрватска. Посилниот потрес бил со јачина од 2,5 степени по Рихтер.