Основачот и директор на Амазон, Џеф Безос, ги открил своите планови за колонизација на вселената, почнувајќи најпрво од Месечината.
“Ќе изградиме пат во вселената”, рекол Безос на прес-конференција во Вашингтон, пренесува ABC News.
Како што рекол, не знае како ќе бидат изградени колониите, но додава, “одредена врата, одредена претходница” треба да биде воспоставена за да се постигне таа цел, а неговата компанија “Blue Origin” ќе предводи на тој пат.
Клучен дел од инфраструктурата е “Blue Moon”, модел на ново лунарно летало, кое би требало да ги одведе луѓето на Месечината до 2024-та година.
Леталото без екипаж, ќе носи научни инструменти, сателити и возила за непристапен терен, пренесува “BBC”. Станува збор за нов ракетен мотор наречен BE-7.
“Време е за враќање на Месечината, овој пат за да се остане”, рекол Безос, зборувајќи за целите на неговата истражувачка компанија “Blue Origin”.
Целта е “Blue Moon” да слета на јужниот пол на Месечината, каде во кратери се пронајдени парчиња мраз.
Водата од тој мраз би можела да се искористи за да се произведе кислород, кој потоа би можел да стартува вселенски брод за понатамошни мисии ширум соларниот систем.
Администрацијата на Трамп во март најавила дека планира враќање на американските астронаути на Месечината до крајот на 2024-та година.
Според зборовите на Безос, “Blue Origin” ќе биде во можност да го исполни рокот на администрацијата на Трамп, “но само затоа што компанијата почнала со креирање на лунарното летало во 2016-та година”.
Тој сака, како што истакнал, да го подобри пристапот на Месечината, бидејќи има широка визија на иднината во која луѓето ќе можат да живеат и работат на вселената, што денес не е можно.