Вака правилно се спремаат теглите за зимница: Една важна работа скоро сите ја забораваат

|

Домаќинките веќе на големо подготвуваат се што е потребно за зимата, а некои полици веќе се украсени со тегли со сок од домати, џем и мармалад. Иако, ќе се согласите, полесно е да се оди до продавница и да се купи готов производ, жените од нашите простори сепак остануваат верни на традицијата и вкусот кој ништо не може да го замени.

Најважно кога станува збор за зимското складирање е правилната подготовка на шишињата и теглите. Овој чекор не смеете да го прескокнете, бидејќи доколку шишињата или теглите не се 100 проценти чисти и стерилизирани, целиот труд може да ви пропадне.

Дека советите на нашите баби се вредни како злато, докажуваат и овие кои ќе ви помогнат на најдобар и најбрз начин да ги подготвите теглите и шишињата за зимата.

Првото нешто што треба да направите е добро да ги измиете стаклените тегли и шишиња со детергентот за садови што вообичаено го користите. Кога ќе се исцедат, нежно избришете ги со чиста памучна крпа.

Задолжителен чекор е стерилизацијата на стаклената амбалажа во која ќе ја ставите зимницата. Загрејте ја рерната на 100 степени, наредете ги теглите во плех така што отворот им е свртен надолу и ставете ги да се загреат 15-20 минути.

Внимателно извадете ги од рерна и слободно додадете џем, ајвар, зеленчук… додека теглите се уште се топли.

Сепак, она на што многумина забораваат се капачињата и капаците кои исто така треба да бидат совршено чисти, а наш совет е да ги варите во големо тенџере.