Скопјанецот Фериз Шабани си го добил назад паричникот полн со пари, кој го изгубил во автобус на ЈСП „Скопје“. Паричникот го нашол возачот Мирослав Деспотовиќ, кој веднаш го пријавил во внатрешната контрола на јавното претпријатие.
Сопственикот Шабани бил веднаш контактиран, а парите и документите си ги добил назад уште истиот ден, пишува весникот Независен.
„Пресреќен сум, плачев од радост. Во паричникот ми беше целата плата, имав 10.000 денари и 200 евра. Да не зборувам дека внатре беа мојата и личната карта на мојата сопруга и сите други документи. Не знам како ќе преживеев без парите, до следната плата. Премногу сум благодарен што сè уште постојат чесни луѓе“, вели Шабани.
Несекојдневниот настан се случил деновиве во автобусот број „53“, кој сообраќа од Транспортниот центар до Катлановска бања. Шабани, со својата сопруга и со целата плата в џеб, тргнал да пазарува на Бит-пазар. Паричникот го изгубил меѓу седиштата.
Го открил возачот Деспотовиќ на последната постојка кај Транспортниот центар, при редовната контрола на празниот автобус. Тој вели дека не е ниту прв ниту, пак, последен случај да се најде паричник во автобус, но многу ретко се случува да е полн.
Целиот текст прочитајте го ТУКА.