Ѕидови што се распаѓаат, дотраена инсталација, запуштени санитарии се дел од секојдневната слика на вработените во ЈСП Скопје кои ги користат службените тоалети и дополнителните простории во базните станици во „Ѓорче Петров“ и во „Автокоманда“.
Црн наместо бел мијалник, расфрлани пластични шишиња по подот. Поцрнети полски тоалети. Во помошните простории крововите протекуваат, дел од прозорците се без стакла. Ваквата атмосфера трае со години и никој ништо не презема за да се подобрат условите за престој на возачите, механичарите и другите вработени во ЈСП.
„Плусинфо“ разговараше со неколку вработени во овие бази, кои испратија и фотографии и видеоснимки.
Погледнете ги тоалетите, ако може така да се наречат, и помошните простории што ние како вработени ги користиме во гаражата во „Ѓорче Петров“. Сигурен сум дека е слично или исто и во „Автокоманда“. Ниту е искречено со години, ниту има назначено хигиеничар да ги зачисти „ќенефите“.
Тотална катастрофа е ова што се случува во претпријатието, вели возач кој сакаше да остане анонимен, бидејќи тврди дека дисциплинската комисија во ЈСП постојано ги казнува вработените од 10 до 30 отсто од платата од 3 до 6 месеци.