Интензивните врнежи од дожд последниве неколку дена го зголемија водостојот на реките во тетовско. Реката Вардар се излеа од речното корито во Општина Јегуновце, помеѓу селата Копанце и Раотинце.
„Се работи за критично место, каде после секој висок водостој реката Вардар се излева на тоа место. Поплавени се ниви. Да се надеваме дека нема да им врнежи оти ако има, ќе се поплави површината долж целото речно корито. Водата од реката е качена на највисоката точка и водостојот можам слободно да кажам дека е поголем за разлика од утринските часови. Ние како жители сме на готовс, се надеваме дека и институциите ќе преземат мерки, ако дојде до непосакуваното“, рече Васко Јанчевки жител на село Раотинце.
Висок е водостојот и на реката Пена во тетовско, каде вчера градежна механизација на одредени места превентивно го прошируваше речното корито. Се интервенираше на Поројска Река на регионалниот пат Тетово – Јажинце.Од општината велат дека се подготвени со своите механизми да интервенираат, доколку дојде до излевање на Пена, но и на Шарпланинските реки. Будно ја следиме состојбата, но се зависи од временските услови, велат општинарите.
„Бараме од Кризниот штаб и сите институции да бидат во состојба на подготвеност за навремена интервенција во случај состојбата да продолжи да се влошува.Исто така, Општина Тетово со целиот капацитет што го поседува е во состојба на подготвеност да интервенира во случај нивото на водата да продолжи да расте“, изјави Милена Вучевска портпарол на Општина Тетово.
Мали излевања има кај неколку канали за наводнување во тетовско. Викендов како што најавија од Општина Тетово, ќе се интервенира на коритото на Речичка река кај наплатата рампа Тетово – Гостивар.