Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски го именуваше Душко Коцевски за в.д. директор на ЈП ПОЦ откако на досегашниот прв човек на ова општинско јавно претпријатие, Васко Кичевски, му истече четиригодишниот мандат. Коцевски, во време на мандатот на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, беше заменик директор на ЈП „Градски паркинг“.
Кичевски со отворено писмо до јавноста извести дека му завршува мандатот и дека повеќе нема да раководи со ова претпријатие и ги презентираше реализираните активности и капитални инвестиции во периодот додека беше директор на ЈП ПОЦ.
Душко Коцевски, нов в.д. на ЈП ПОЦ
– ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ е првото претпријатие во земјата кое целосно се дигитализираше преку воведување на нова веб платформа и мобилна апликација преку кои граѓаните можат брзо, лесно и едноставно да ги користат услугите на претпријатието и паркиралиштата со кои стопанисува по електронски пат. Исто така, преку новата мобилна апликација претпријатието им овозможи на жителите на Општина Центар да ги пријавуваат сите комунални проблеми во општината со цел да се решат брзо и навремено – потенцира Кичевски.
Во 2020 година беа поставени 25 повратни вендинг машини за пластични шишиња и лименки со цел да се мотивираат жителите да се вклучат во одржувањето на јавната чистота преку селективното одложување отпад, собирањето и неговото рециклирање. До сега, оваа мрежа вклучува повеќе од 100 локали кои овозможуваат попусти, а заради големиот интерес зелената мрежа секојдневно ќе се проширува.
– Следејќи ги светските трендови во паркинг индустријата, ЈП Паркинзи на Општина Центар воведе и мрежен систем за автоматска наплата на затворените паркиралишта со кои стопанисува со цел да се зголеми контролата и безбедноста на паркиралиштата. Еден од најуспешните едукативни проекти на претпријатието е проектот „Паркирај совесно, а во рамките на овој проект, ЈП ПОЦ реализираше и кампања насочена кон подигање на свеста на возачите да не се паркираат на места наменети за лица со посебни потреби со цел да им се овозможи на овие лица непречено да функционираат во општината и во градот – нагласи Кичевски кој потсети на уште неколку реализирани проекти во неговиот мандат и му посака успешна работа на новиот директор.