Вчера имало 33 пожари: Активни седум од вчерашните и четири нови од утрово

|

На тертиторијата на државава вчера имало вкупно 33 пожари. Активни од вчерашните се уште седум, а утрово има известување за четири нови пожари, два во Општина Ѓорче Петров и по еден во општините Петровец и Шуто Oризари, каде што се запалени отпадоци, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

По дел од пожарите што загрозуваа села, како што се наведува во соопштението, се дејствувало и со два противпожарни авион на ДЗС и со еден хеликоптер на МВР, а некаде покрај ПП тимови во одбрана на селата се вклучи и месно население, како во Демирхисарско.

Големите активни пожари од вчера, заради коишто директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, лично направи хеликотерско извидување во соработка со хеликоптерската единица на МВР се во:

-Општина Македонски Брод, високо над с.Белица, во месноста „Аргулица“ под Солунска Глава на непристапен терен (каде што гори борова шума);
-Општина Штип, два пожара од поголеми размери, еден кај с.Селце на планинскиот дел Серта од Конечка Планина (нискостеблеста шума) и еден пожар с.Калапетровци (дабова шума и сува трева);
-Општина Крушево, кај селата Света и Бирино (дабова шума);
-Општина Чашка, месност „Горна и Долна Бабина Дупка“ (нискостеблеста шума);
-Општина Валандово, с.Пирава, месност „Бел Камен“ (ниска вегетација) и во
-Општина Струмица, кај с.Габрово (каде што горела ниска вегетација).

По рекордот од 60 пожари во неделата, вчера имаше 33 пожари на отворен простор од коишто во моментот горат се уште седум од вчерашните и четири нови од утрово, велат од ЦУК.