Вечерва повторно ќе стискаме палци, Тамара Тодевска под број 8 ќе пее во финалето

ИЗВОРСкопје24
|

Пејачката Тамара Тодевска со песната „Proud“ („Горда“) вечер под реден број 8 ќе настапи во финалната вечер на 64. Евровизија, што се одржува во Тел Авив, Израел.

Ова ќе биде прво претставување на нашата земја во завршницата на европското музичко натпреварување по цели шест години и затоа еуфоријата, но и притисокот се уште поголеми.

– Верувам во нас и сум горда на сите нас. Бројот осум симболизира бесконечност, а тоа значи дека сум бесконечно среќна со целиот мој тим – ни изјави Тамара од Тел Авив.

Aвтори на песната „Proud“ се Роберт Билбилов, Дарко Димитров и Лазар Цветкоски, а текстот е на Коста Петров и Сања Поповска.

Придружни вокали се Александра Јанева, Антонија Гиговска и Васил Гарванлиев. Во финалето ќе настапат 26 земји, а ќе можат да гласаат сите учесници односно 41 земја. Пласман во финалето од втората полуфинална вечер обезбедија и Холандија, Албанија, Шведска, Русија, Азербејџан, Данска, Норвешка, Швајцарија и Малта, а од првата полуфинална вечер – Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија. Директен пласман во финалето покрај домаќинот Израел имаат Франција, Италија, Германија, Шпанија и Велика Британија. Прва на финалната вечер ќе настапи претставничката на Малта, Микела со песната „Chameleon“, а последен ќе настапи шпанскиот претставник Мики со песната „La Venda“.

Како специјален гостин на финалната вечер на 64.Евровизија ќе настапи 60-годишната поп ѕвезда Мадона. Тамара Тодевска четврти пат учествува на Евровизија, но првпат како солист. Пред седум години пејачката Калиопи со песната „Црно и бело“ настапи во финалето на 57.Евровизија, што се одржа во Баку, Азербејџан.