Венко Филипче: Родителите ќе бидат гонети доколку не ги вакцинираат децата

ИЗВОРСкопје24
|

Македонскиот министеро за здравство, Венко Филипче, изјави дека родителите кои не се придружуваат до препораките на Министерството во услови на прогласена епидемија, како што е овој случај со морбилите, можат да бидат и кривично гонети. Филипче објаснува дека согласно правилникот за имунизација, кога не постои епидемија родителите имаат обврска да ги вакцинираат децата и таа потврда да ја донесат при упис во градинка. Доколку не го направиле тоа, им се заканува казна која се движи помеѓу 300 и 600 евра.
-Кога има период на епидемија постои можност за кривична одговорност до родителите доколку не се придружуваат до препораките кои ги даваме, а се загрозува јавното здравје. Мора луѓето да сфатат дека ова е ситуација која може многу лесно да ескалира, можат да се јават исклучително многу заболени. Следниот период од 2 недели кога завршува инкубацијата на последните примени деца, ќе биде знак дека нема нови заболени и ќе прогласиме дека нема повеќе епидемија. Потоа ќе продолжиме со кампања за подигање свест кај јавноста дека вакцините не се штетни и каква заштита нудат – рече Филипче во гостување на „1ТВ“.

Во меѓувреме се огласи и Здружението ја педијатри на Република Македонија со поддршка за вакцинацијата

Здружението на педијатри на Република Македонија ги поддржува сите мерки што ги презема Министерството за здравство во однос на вакцинирањето на децата кои не се вакцинирани со МРП вакцината, се вели во соопштението испратено од претседателката на ова здружение, проф. д-р Аспазија Софијанова.

Како што истакнува Софијанова, повикот е од особена важност за децата кои се во потенцијален ризик или се опкружени со лица во потенцијален ризик и истите треба да бидат веднаш вакцинирани со цел намалување на ризикот на, како што се вели, и така намалениот колективен имунитет.
„Со тоа се намалува ризикот за пренесување на малите сипаници – морбили, кај децата и кај повозрасната популација. Со вакцинацијата се намалува ризикот од заболување од морбили, а со тоа и опасноста од можните компликации кои можат да бидат многу сериозни и смртоносни“, стои во соопштението.
Се додава и дека важноста на педијатарот во имунизацијата е исклучителна и единствена, бидејќи тој е компетентен во проценувањето на здравствената состојба на детето и е одговорен за навремено информирање на родителите во однос на здравствената заштита на детето и имунизацијата.
„Со вакцинирањето се спречуваат несакани грижи за здравјето на децата, а вакцините се безбедни и квалитетни“, наведува Софијанова во име на Здружението на педијатри на Република Македонија.