Вевчани е подготвено за Вевчанскиот карневал – сместувачките капацитети се речиси исполнети

|

Вевчани е подготвено за претстојниот Вевчански карневал, а полни се и сместувачките капацитети, потврди за МИА градоначалникот Спасе Кочовски. Според него, останале уште некои ситници околу организацијата.

– Манифестацијата „Вевчански карневал” почнува утре напладне со отворање на мултикултурниот центар „Коста Србакоски” и настап на културно уметничкото друштво „Дримкол” од Вевчани. Вечерта за забавниот дел задолжени се ди-џеј Фејс и Жаре бербер, информира Кочовски.

Василичарскиот дел почнува следниот ден, традиционално на 13 јануари, напладне, со дефиле под маски низ вевчанските улици.

– Вечерта настап ќе имаат македонските уметници Елена Јовчевска, Сања Ристеска, Дамјан Стојаноски и Перо Бели, а Новата година ќе ја дочекаме со спектакуларен огномет. Сместувачките капацитети, иако во мал број веќе се полни со гости, а очекуваме голем број посетители и од околните места, истакна Кочовски.

Според традицијата, Вевчанскиот карневал почнува на 13 јануари напладне со дефиле на маски на двете василичарски друштва Горна и Долна маала. Неизоставен дел од традицијата се зетот, невестата, двата ѓаволи, Глупавите Августи и останатите маски инспирирани од актуелните политички и секојдневни случувања. Секое карневалско издание за вевчанци е доживување и инспирација за изработка на маска за следната година. Вевчанци ќе кажат се, но до дефилето не откриваат во што ќе се маскираат.

Манифестацијата завршува со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на Вевчани, на 14 јануари.