Млада, талентирана, згодна, позитивна и секогаш насмеана. Викторија Лоба е една од најубавите наши пејачки која со задоволство и едноставност ја прифати нашата покана да биде петочниот Скопски лик на денот. За неа нема потреба многу да се зборува, таа е препознатливо македонско лице кое сите го обожаваат и која веќе речиси една деценија опстојува на нашата музичка сцена. Една е од ретките која сеуште се бори за музиката и твори нешто свое и уникатно. По природа е смирена и не сака да се истакнува по скандали, туку по својот квалитет, па затоа и опстојува до денес. Овојпат ја отвори душата и ни раскажа малку повеќе за себе, за своите желби и планови, за тоа што најмногу ја лути и за тоа какви се според неа скопските момци. Разговорот ни течеше со многу смеа и позитивна енергија, а го водевме во еден од омилените локали на Лоба, кафе бар Винил во центарот на Скопје.
1. Што за тебе претставува Скопје и која е твојата прва помисла за него?
– Мојата прва асоцијација за Скопје е вечерна прошетка по кеј на Вардар, која продолжува по обиколницата накај стадионот, низ паркот, назад до трговски центар и повторно дома затоа што живеам во центарот на Скопје. Можам да кажам дека речиси секоја вечер ако времето е убаво ја користам во прошетка во Скопје. Многу често можам да се погодам на фестивалчиња коишто се прават во Градски парк или нешто интересно на плоштад и на тој начин да се дружам со луѓето низ градот. Скопје е убаво да го почувствуваш под свои нозе, во кола сите сме научени. На тој начин најубаво може да се доживее Скопје, со сите кучиња и миленичиња. И јас имам свој маалски миленик кој го викаме Друшко. Го хранам јас и уште неколку станари, ужива во своите пилешки гради со кој често го гостиме 🙂
2. Како би се опишала себеси и што е она што на професионален и приватен план го сметаш за најголемо достигнување?
– Мое најголемо достигнување, кое веќе се години го остварувам во кариерата е тоа што сум сам свој менаџер, сам свој креативец. Јас го бирам тимот со кој што работам, ги бирам проектите, буквално сум контрол фрик во позитивна смисла за мојата професија. Перфекциониста сум во тоа што го работам, сакам да има мој личен печат. Наскоро работам еден убав проект за албум на кој ќе има песни и на македонски и на англиски и мислам дека тоа ќе ми биде до сега најголемото досигнување. До сега имам издадено повеќе од 15 песни, песни за скоро два албума, но дури сега ќе издадам албум со избрани, најомилени песни за мене. Јас лично се доживувам како амбициозна и одговорна личност. Гледам да си ги организирам работите и обврските точно спрема времето и никогаш не доцнам. Амбициозна сум, одам кон целта и имам силна волја.
3. Со оглед дека имаш потекло од Русија, што е она што те натера да останеш во Македонија? Што е она што најмногу ти се допаѓа кај Русите?
– Русите ги сакам како народ, затоа што пред се, се мој народ, моите корени се од Русија, ги чувствувам блиски и свои. Тие се многу дисциплиниран народ и многу ретко се случува да лажат. Секако постои исклучоци, но како народ тие се такви. Некои делови на Русија се поладни, дистанцирани, но јас бидејќи сум од југот, сметам дека ние сме многу потопли и подруштвени од сите останати… поотворени луѓе. Во Македонија останав затоа што мојот живот почна тука. Мојата професија започна тука, тука учев школо, тука завршив соло пеење, моите пријатели се тука. Тука сум докажана веќе и не морам да се докажувам на друго место. Едноставно убаво се чувствувам и ја чувствувам Македонија како мое тло за живеење.
4. Кој е твојот сон или највисока цел која ја имаш поставено и би сакала да ја оствариш?
– На професионален план е издавањето на мојот албум. Тоа е таа цел која ми е најблиску, а после неа секако следи и концертот кој моја замисла е да го направам под отворено небо, кога ќе има убаво време за да можат да дојдат многу луѓе. Што се однесува до мене лично, јас би сакала да не се наплаќа карта, туку да биде покриено од спонзори и да биде отворено за сите. На тој начин сите да можат да ја слушнат мојата нова музика која што моментално ја спремам, но тоа е во малку подалечните планови. Како духовно достигнување сакам да имам мир во душата, и во семејството, бидејќи сметам дека хармонијата и мирот се најбитни за мене како човек.
5. Што ќе беше, доколку не се занимаваше со музика?
– Доколку не би се занимавала со музиката веројатно би била актерка или би работела во некоја маркетинг агенција, затоа што сакам креативни работи и не сум човек којшто сака да седи во канцеларија и да биде затворен. Комуникативна сум и креативна, сакам уште толку да го раширам тој видик кон убави нешта и да правам од ништо – нешто. Актерството е тоа, правиш од ништо – нешто. Сценаријата кога ги прават е тоа, музиката исто, од некоја внатрешна енергија создаваме нешто вредно, нешто што би допрело до сите. Истото е и со маркетинг агенциите. Кога смислуваме некој слоган или некоја интересна реклама тоа е таа имагинација наша и тоа е тоа што би сакала да го работам и го работам во мојата професија лично.
6. Си пробала ли да работиш нешто друго надвор од музиката?
– Сум работела да. Година дена бев маркетинг директор на една приватна мала компанија. Се дадов колку што можев и мислам дека беше одлично моето искуство, меѓутоа јас сепак припаѓам да работам само за себе, таков карактер сум. Па еве можеби за неколку години ќе бидам претприемач и ќе имам некоја своја компанија која сигурно би била поврзана со музиката и со уметноста.
7. Моментално македонската музичка сцена е во мирување, ти се една од ретите кои сеуште прават музика и спотови кои многу ретко има каде или нема воопшто каде да се пуштат. Можат ли песните само преку Youtube да заживеат и да станат хитови и што според тебе треба да се направи за да се промени состојбата?
– Може да! Доколку е квалитетна песната секако дека може да стане хит, меѓутоа тука има неколку алатки коишто треба да се запазат, како што е радиото. Значи не само Youtube. Пуштањето на радио, телевизиските промоции и промоциите на некои портали како вашиот се значајни, бидејќи би можеле да не испромовирате нас артистите. За жал немаме музички емисии во Македонија коишто се многу гледани и коишто можат да ни дадат еден голем удар за да излеземе на површина, со цел сите да можат веднаш да ја дознаат песната, па за да одлучат дали е добра и дали ќе остане слушана или не. Ние немаме таква привилегија и „луксуз“, затоа се бориме. Еве јас сум еден од ретките кои се борат. Одам со интервјуа, од радио до радио, од телевизија до телевизија, инвестирам во промоции каде што ги собирам сите новинари и мои колеги за да дадеме некој печат на тоа што го работиме, дека не е само колку да се сработи туку треба да биде и запазено, да му се даде некој поголем акцент. За да се промени оваа состојба би требало да се отвори една музичка телевизија каде сите ние би биле застапени. Верувам лесно е вака да се каже, да се отвори музичка телевизија, меѓутоа сметам дека е нешто што навистина е потребно во Македонија. Телевизија којашто би содржела не само топ листи и би се вртеле нашите песни, туку би имала и емисии каде ние би можеле да се појавиме, да испееме нешто во живо, да кажеме интересни моменти од нашиот приватен живот, нашето музичко искуство и слично. Едноставно да бидеме присутни некаде и нашата публика да не гледа, да бидеме поблиску до нив.
8. Се случило ли некогаш да напишат лош збор за тебе, па да се налутиш за тоа? Дали им даваш до значење на таквите коментари и вести?
– Убаво е да се пишува за нас. Дали е тоа во лош контекст или во добар тоа не прави популарни. Популарноста значи дека ќе бидеме присутни, дека ќе не воочи гледачот. Меѓутоа јас се лутам само на невистини. На лоши коментари не се лутам, будејќи демократско општество сме, секој треба да има свое лично мислење, не мора сите да ме сакаат. Сигурно има луѓе кои ме сакаат и луѓе кои не ме сакаат, на некои сум им симпатична – на други не, ама така е секогаш. И јас имам луѓе коишто ми се убави, на кои го ценам нивното тело, а има и други луѓе и артисти кои не ми се пријатни. Мислам дека е убаво и јас некогаш да го кажам своето мислење, иако никогаш јавно не оцрнувам никого. Затоа и не се лутам, но убаво ми е кога ќе кажат убави, пофални зборови за мојата работа.
9. Како го искористуваш своето слободно време и кое е твоето омилено место во Скопје?
– Моето омилено место во Скопје е Дебар маало затоа што живеам блиску до Дебар маало, се ми е тука. Тука најчесто се гледам со пријателите. Ако немам дома ручек, кој сама нема да го направам, ручам тука. Исто така Винил ми е едно од омилените места, каде најчесто пијам кафе. Слободното време го искористувам во музицирање. Најчесто кога немам наутро обврски, затоа што не одам на работа од 8 до 4, дома сум сама и имам време да музицирам, да смислувам мелодии, да пишувам текстови.. утрото ми е креативен период од денот. Потоа го користам денот за да ги завршам обврските.
10. Како би ги опишала скопските момци и знаат ли да бидат вистински кавалери?
– Кога се однесува до сообраќајот, би кажала дека жените понекогаш се поголеми кавалери. Многу почесто жена те пушта да поминеш него маж во Скопје, и во овој дел не се многу кавалери мажите. Во приватниот и професионалниот живот со луѓето коишто имам допир, мажите се кавалери. Така во целост можам да кажам дека мажите во Скопје се кавалери. Што се однесува до мене секогаш се фини и добри. Можат да ме услужат и да ми објаснат, сите се фини.
11. Дали се случило некогаш да добиеш нешто како привилегија бидејќи те препознале како јавна личност?
– Да, ми се има случило да треба да платам паркинг со картица, а да не примаат плаќање на тој начин, па некој да плати за мене 20-30 денари за паркинг место. Тоа е навистина кавалерски пристап и им благодарам на таквите убави работи со кои прават да се почувствуваме и ние жените како жени.
12. Што следно ново можеме да очекуваме од тебе?
– Како што веќе споменав моментално работам на новите композиции, снимам доста демо верзии на песни, за кои подоцна се одлучува кои ќе бидат оние главните коишто ќе стојат на албумот. Наскоро, пред нова година ќе пуштам уште една песна со видео запис после „Дојди“. Тоа е она што е најинтересно, а секако продолжувам и понатаму со настапи. Во Скопје настапувам само на приватни евенти бидејќи не настапувам во кафичи и дискотеки. Најблиску што ќе се случува е роденденски настан на една приватна компанија кој ќе се одржи во Скај бар. Тоа е така затоа што се спремам за концерт догодина. Сакам да направиме еден убав концерт и турнеја низ Македонија каде што ќе можат сите да дојдат и да слушнат нешто ново од мене. Ќе има убаво лајтшоу, добар звук и секако ќе ве поканам и вас да бидете дел од овој концерт.
13. Дали сметаш дека по примерот на западните земји и кај нас би бил прифатен целосно осмислен настап, исполнет со многу танчери и ефекти?
– Јас сум всушност единствена тука која што тоа го прави. Јас настапувам со диџеј, саксофон и конги. Тоа е таа постава што би рекла бендска, затоа што не можам да имам класичен бенд кои би ги покрие сите тие модерни звуци коишто сакам да ги донесам. Затоа имам и диџеј како помошник, всушност и диџејка и диџеј. Супер функционираме и комплетно звучи. Диџејот ги пушта моите песни и уште многу други компилации, странски и македонски… Се надополнуваме со инструменти, јас сум секако вокалот и имам уште две или четири танчерки по потреба од настанот во зависност од големината на сцената. Тие најчесто се од танцовото студиото It the beat и повеќето се мои пријателки. Тие се сите професионални танчерки и го практикуваат танцот како спорт.
За крај, доколку досега не сте успеале да го погледнете ви го препорачуваме новиот спот на Викторија Лоба за песната „Дојди“, дело на Роберт Билбилов (музика и аранжман) и текст создаден од самата неа. Уживајте!
(Наталија Јосифоска)