„Вистинска мала војна“ сведочат жителите на Бањско

|

Српските жители од селото Бањско, по синоќешното убиство на косовски полицаец и ранувањето на уште двајца други полициски припадници се збунети и уплашени. Велат дека престрелката започнала околу 2 часот и 30 минути денеска наутро, додека околу 4 часот започнале да се слушаат и детонации.

Косовскиот портал КоССев.инфо разговарале со дел од жителите, кои им кажале дека во текот на утринските часови во нивното вообичаено мирно село се одвивала вистинска мала војна. Според нив престрелката траела до 7 часот наутро.

ВИСТИНСКА МАЛА ВОЈНА. РЕД РАФАЛИ, ПА ТИШИНА, НЕКОЛКУ ИСТРЕЛИ, ДЕТОНАЦИИ, ИЗЈАВИЛА ЗА ПОРТАЛОТ ЕДНА МЕШТАНКА.

Таа додала дека целата ситуација била малку чудна. Вели дека со впечатливо бавна брзина поминал конвој на косовската полиција, токму во момент додека имало прекин во престрелката. Тврди дека видела и возило на ЕУЛЕКС, но не и на КФОР.

КосСев пишува дека улиците на селото се сосема празни, локалните жители се плашат да ги напуштат своите домови, па дури и телефонски да комуницираат помеѓу себе, сомневајќи се дека косовската полиција ги прислушкува. Сепак жителите за порталот изјавиле дека низ селото се шират гласини дека од едната страна на Бањско е позиционирана една група на униформирани лица, додека од другата се концентрирани косовските специјалци, во близина на Балабан.