Владата ја изгуби поддршката на граѓанските организации со чија помош дојде на власт. Разочарувањето кај нив е огромно, откако вчера пратениците и собранискиот спикер го игнорираа барањето, измените на Кривичниот законик да се повлечат од дневен ред. Сега се размислува за преиспитување на учеството во работните групи на министерствата, советот за граѓанско општество и слично. Вчера најавија и можност за протест, но за дел од нив, и таквата постапка губи смисла по последните владини потези.
Учесниците во Шарената револуција, кои протестираа под слоганот „нема правда-нема мир„, велат дека им е урната визијата за живот во правично општество.
Оваа влада, вели Шишовски, ги третира граѓаните како раја, паричка за поткусурување, но останаа малку можности за одговор.
Отсуството на алтернатива е најпоразителниот момент и за Трошановски.
Тој верува дека, овие потези ќе се одразат и во извештајот на Европската комисија, затоа што владеењето на правото е еден од клучните услови за влез во ЕУ. Шишовски, пак, вели дека, ако ова безобразно кршење на правдата помине во извештајот на ЕУ, за него Европската унија ќе биде завршена приказна, затоа што, членство во Унија, во која се толерира нешто вакво, не ни е потребно.
Со измените во членот 275-в во Кривичниот законик,се намалуваат казните за тендерски измами. Се овозможува намалување на казната и условна казна за бизнисменот Сеад Кочан и за синот на пратеничката Владанка Авировиќ, Василије. Со тоа владата си обезбеди уште два сигурни пратенички гласа за уставните измени. Измените на членот 353,пак, со кои ќе паднат во вода половина од случаите на СЈО, под притисок на јавноста е привремено повлечен, но с енајавува негово повторно враќање. Со него ќе биде ослободена и екс минитерката Канческа-Милевска, како и повеќето поранешни министри и функционери.
Далиборка Дамјанска Цветановска