Владата на денешната четврта седница го одобри текстот на Договор за деловно-техничка соработка, со кој се регулираат меѓусебните права на производство на топлина Балкан Енерџи (БЕГ) и Електрани на Северна Македонија (АД ЕСМ).
„Согласно овој договор, БЕГ ќе го стави на увид на АД ЕСМ целокупното свое деловно работење до денот на склучување на овој договор, а од денот на склучување на овој Договор ќе му даде согласност на АД ЕСМ да управува со сите деловни активности на БЕГ, со сите трансакциски сметки, како и со наменската сметка која што БЕГ ќе ја отвори исклучиво за потребите на овој Договор за деловно техничка соработка“, се наведува во соопштението од владината седница.
Владата донесе и Одлука за обезбедување дополнителни количества топлинска енергија во услови на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.
„Со оваа одлука дополнителните количества на топлинска енергија ќе се обезбедат од домашно производство со склучување договори за уредување на меѓусебните односи помеѓу вршителите на енергетските дејности на пазарите на енергија и тоа договори за деловна техничка соработка помеѓу Акционерско друштво за производство на електрична енергија Електрани на Северна Македонија во државна сопственост – Скопје, Друштво за производство на топлинска енергија Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, Друштво за дистрибуција на топлинска енергија Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје, Друштво за снабдување со топлинска енергија Снабдување со топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје и Скопје Север АД Скопје, заради обезбедување на сигурност во снабдувањето со топлинска енергија“, се наведува во соопштението.
Финансиските средства потребни за реализација на обврските од преземањето на мерката од оваа одлука на ЕСМ се обезбедуваат од Буџетот на Македонија за 2022 година.
Владата на седницата донесе и Одлука за одобрување финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија, со која се одобруваат финансиски средства во износ од 615 милиони денари на АД ЕСМ во државна сопственост -Скопје.
„Овие средства АД Електрани на Северна Македонија, во државна сопственост, Скопје, ќе ги користи исклучиво за реализација на мерките за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија за зголемување на производството на електрична енергија и за обезбедување мазут и други потребни средства и услови за продолжување со производството на електрична енергија од страна на ТЕЦ Неготино, заради справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија“, соопшти Владата.