Владата на Република Северна Македонија на 37-та седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести (КЗБ) утврдени од страна на Главниот координативен кризен штаб (ГККШ).
Според овие препораки, Владата го укина задолжителното носење на заштитни маски во затворен простор, со исклучок на здравствените установи, јавниот превоз, аптеките и домовите за возрасни лица и за лица со попреченост.
Во врска со оваа точка, иако се укинува носењето маски во затворен простор, Владата силно ја афирмира препораката на КЗБ маски во затворен простор да носат лицата над 65 годишна возраст, хронично болните и лицата со намален имунитет.
Согласно препораките се укинува обврската за задолжителното носење на маски за време на физичката настава во средните училишта, како и забраната за организирање екскурзии и настава во природа.
Меѓу мерките што се укинуваат е и мерката за задолжителна изолација на лица што имале блиски контакти со случаи позитивни на боледта, за кои останува мерката за носење заштитна маска во затворен простор во период од 7 дена од последниот контакт со лица со потврден тест.
Одлуките од денешната седница стапуваат на сила со денот на објавување во Службен весник.
На предлог на Министерство за економија на денешната седница е донесена Одлука за укинување на увозната давачка – царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење, како дополнителен стимул за одржување на снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените.
Со оваа мерка се овозможува увоз на сончогледово масло од други земји за кои нема преференцијален третман во трговијата, или не се предмет на безцаринска квота во рамки на договорите за слободна трговија, и за кои е утврдена царинска стапка од максимум 29%.
Со укинување на увозната давачка – царинската стапка за увоз на масло од сончоглед за јадење ќе се даде можност до 31 мај 2022 година да се увезат потребните количини на овој основен прехранбен продукт од земји кои не се предмет на повластен царински стапки кои ќе обезбедат доволно количини за домашниот пазар и ќе се намали притисокот за раст на цените на овој производ.
На оваа своја седница Владата го продолжи рокот на примена на ограничување за извоз на одделни стоки, до 15 мај 2022 година.
Продолжувањето на рокот за ограничување на извозот се однесува на пченица и наполица; јачмен; пченка; брашно од пченица и наполица; семе од сончоглед, вклучувајќи кршено или дробено; масла од семе од сончоглед, шафраника или памуково семе, како и извоз на луцерка.
Потребата за продолжување на рокот за извоз на овие стоки до 15 мај 2022 година е да се елиминира можноста на снабдувањето поради недостаток на стоки неопходни за преработка и производство основни прехранбени продукти за граѓаните до новата домашна реколта.
На денешната седница за генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија е именуван Методија Димовски, откако од оваа должност претходно го разреши Мухамед Зеќири.
Методија Димовски на оваа должност доаѓа од Инспекцискиот совет од областа на животната средина и заштита на здравјето на луѓето.
Владата денеска го утврди текстот на предлог-законот за финансиската инспекција во јавниот сектор.
На предлог на Министерството за финансии целта на овој закон е заштитата на јавните финансиски интереси во финансиското управување со средствата на државниот буџет, буџетите на единиците на локалната самоуправа и средствата од други јавни извори како и средства на ЕУ фондовите, со утврдување на законитоста и нивното ефикасно и одговорно користење во согласност со посебните прописи кои ја пропишуваат надлежноста за спроведување на финансиска инспекција.
На оваа своја седница Владата ја усвои Информацијата на Комитетот за преговори за склучување на Договор за градење на Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и Проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола), којашто на својата прва седница ја усвои Изјавата дека станува за проекти од национален интерес.
Согласно оваа информација за забрзување на постапката за Договор за утврдените проекти на Коридорот 8, Владата го задолжи Министерството за финансии во рок од една недела да номинира членови на тимот за експропријација, додека ЈП за државни патишта доби задолжение во рок од една недела да предложи 5 члена на тимот кој ќе преговара со стратешкиот партнер за изведба на работите, како и да номинира членови на тимот на проектната единица.
На оваа седница е усвоена и Информацијата за изработката на Стратегијата за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини за период од 20 години, за којашто Владата го овласти Министерот за економија да го потпише Нацрт-Договорот за изготвување на Стратегија за геолошки истражувања, одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини, со Македонската академија на науките и уметностите.
Оваа стратегија, предвидена со Меморандумот за соработка меѓу Министерството за економија и МАНУ има за цел да го определи обемот и начинот на реализација на основните геолошки истражувања, одржливото искористување и потребите за експлоатацијата на минералните суровини кои се од битно значење за развојот на стопанството на Република Северна Македонија.
Владата на Северна Македонија денеска ја одржа и 38-та тематска седница на која беа усвоени годишните планови за работа, како и финансиските планови за 2022 година на јавните претпријатија и на фондовите, заводите, агенциите, дирекциите и управите во државна сопственост.
Влада на Република Северна Македонија