Владата со препораки за училишното насилство, во тек се анализи за ТикТок – ќе се сузбива деликвенцијата, уверуваат надлежните

|

Десет на број и преточени на хартија – Министерството за образование и наука (МОН) со владини препораки ќе го сузбива меѓуврсничкото насилство. Истите почнуваат да важат веднаш и училиштата се на готовс да се менуваат на подобро, уверува министерот за образование од говорницата. Ученици и наставници без мобилен среде часови, тематски родителски средби за училишното насилство, тет-а-тет разговори на децата со психолози. Ова се само дел од препораките усвоени на владината седница. Сето ова е одговор на масакрот кој се случи во соседството, а кој е аларм за сите земји од регионот.

„Секое училиште треба да направи протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите, во просториите на училиштата. Укинување на употребата на мобилните за време на часовите ќе поттикне повеќе дискусија, размена на идеи и слично. Им се укажува на сите основни и средни училиште да одржат состаноци со сите родители и старатели, на тема „подобрување на процесите, безбедносна организација и состојбата во училишните објекти и околината“, изјави Јетон Шаќири, министер за образование и наука.

Во активностите на општинските совети за превенција да се вклучат и претставници на Сојузот на средношколци, вели министерот. Ова отвора друг проблем – отсуството на ваквите совети, во сите скопски општини, како и низ целата држава. Претходно, стручната јавност советуваше – училишните психолози и педагози да не бројат оправдани и неоправдани отсуства, туку да работат со учениците. Од Владата одговараат на тоа.

„Се укажува на секое училиште да обезбеди просторни услови за соработниците, со цел да бидат отворени за учениците и доколку има потреба да закажат тет-а-тет средба со својот училишен психолог“, додава Шаќири.

Претходно, МОН отвори електронска адреса за пријавување насилство и во првата недела таму пристигнаа над 20 претставки. Во најава е и целосно или делумно ограничување на ТикТок за одредени возрасти.

„Имаме работна група каде што се анализираат сите процеси врз основа на активностите коишто ги имаат граѓаните, но и учениците во државата. За многу кратко ќе излеземе со анализи и решенија за истото. Исто така, сакам да ве информирам дека ние како држава планираме да креираме и законско решение во коешто ќе ги ставиме и порталите и сите електронски комуникаци, како и трансформација на процесите во дигитална форма – за сѐ да има законско решение“, истакна Азир Алиу, министер за информатичко општество и администрација.

Од септември ќе се менува и безбедносниот протокол и во тој дел ќе биде вклучено и МВР. Од Полиција за Телма претходно информираа дека за речиси две години се направени контроли на повеќе од 37 илјади ученици. Откриени се 14 прекршоци по Законот за оружје.

Петар Догов