Повардарската Епархија на МПЦ-ОА ги повика верниците од црквите во велешко, кавадаречко, неготинско и гевгелиско, масовно да ги посетат храмовите за Задушница. Иако Владата забрани посета на гробиштата во целата земја, а за Скопје, Куманово и Штип одреди целосен полициски час претстојниот продолжен викенд, додека за другите градови делумен, на црквата не и пречеше да ги повика верниците во храмовите.
„Се повикуваат сите верни чеда на Повардарската православна епархија од сите населени места кои се наоѓаат во нејзиниот состав, во деновите петок и сабота, во периодот од 08-14 часот, да дојдат во храмовите , дворовите на храмовите и со себе да понесат варена пченица, црвено вино и список со своите претходно упкоени блиски роднини и пријатели. Ве покануваме помасовно и достоинствено да им оддадеме чест и спомен на сите наши браќа и сестри во Христа“, напишаа на соопштението на Повардарска епархија, каде митрополит е владиката Агатангел.
На овој повик реагираше градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, кој посочи дека во време кога во земјава се бележат голем број на заразени не е во ред црквата да се поставува над државата.
„Македонија е секуларна држава и точно се определени нивните права и обврски и тие се одвоени од државата. Ги повикувам надлежните од Повардарска епархија да ги применуваат уредбите кои ги носат надлежните државни органи. Црковните лица, владиците и оџите не можат да бидат над законите. Ако тие не ги почитуваат МВР е должно да покренат соодветни санкции против тие што повикуваат и поттикнуваат, да не се почитуваат законите“, изјави Коцевски.