Владината земјоделска политика во следните четири години ќе биде фокусирана на иновации, модернизација, зголемување на производството и конкурентност.
Според четиригодишната програма на Владата земјоделството ќе добива директна поддршка од 200 милиони евра годишно. Ќе се поттикнуваат семејните и комерцијални фарми, за специјализирање за висококвалитетно земјоделско, како органско така и традиционално.
Ќе се зголемува субвенционирањето на „зелената нафта“.Таргетот е да се достигне 100 проценти до крајот на 2024 година. Помош од државата се предвидува да има и за маркетинг на македонските земјоделски производи со цел обезбедување сигурен пласман и добри цени.
Според најавите, субвенциите ќе се исплаќаат редовно за што ќе биде воведен и календар. Календарот ќе се регулира со закон, за земјоделците точно да знаат кога можат да ги очекуваат парите.
Ќе се зголеми и поддршката за субвенции за 10 посто за грла говеда, овци, кози, маторици, заклани гоеници, бројлери, несилки, еднодневни пилиња и презимени пчелни семејства.
Една од посериозните мерки која се најавува со програмата е и поврат на персонален данок на доход за земјоделци, намалување на ДДВ за ветеринарните услуги од 18 на пет отсто.
Ќе има и субвенционирање на дел од платите на нововработените млади земјоделци, кои ќе се субвенционираат со по 3.000 денари, како и за жените земјоделки. За да се подобри на старосната структура во земјоделството младите фармери ќе добиваат земјиште, пари за почнување бизнис, поголеми субвенции од основните и слично.
Во фокус на аграрните политики ќе бидат и инвестициите во сончеви панели за производство на електрична енергија за користење во наводнување, инвестициите во квалитетно производство на семе и саден материјал, инвестициите за справување со климатските промени, воведување систем за мониторинг и прогноза на здравје на растенијата и слични мерки.