Влечење, буткање и пцости кон новинарите на одбележувањето на Водици во Скопје

ИЗВОРСкопје24
|

Православните верници денеска го слават големиот христијански празник Богојавление – Водици, кој се празнува уште од вториот век.

Тој е поврзан со крштевањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на Свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител.

Празникот се одбележа во речиси сите градови низ земјава, а во Скопје во студените води на вардар влегоа над 140 луѓе.

За жал црна сенка на духовниот празник фрли инцидентот во кој имаше влечење, буткање и пцости кон новинарите.

Во Скопје илјадници граѓани во мирна атмосфера ја следеа манифестацијата. Христијан Нинески кој има 25 години беше насреќен меѓу Скопјани. Тој како што кажа се фрла по шестти пат и токму денес за прв пат го фаќа крстот кој во Вардар од мостот „Слобода“ го положи и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Во скопски Карпош каде крстот во водите на Вардар беше положен од железниот мост најсреќен меѓу верниците беше Илија Блажевски кој и минатата година го извади светиот крст.

Васко Панчовски го извади чесниот крст од водите на река Брегалница во Делчево

Втор пат крстот во Охрид во раце на Иван Лотески. Дваесет и двегодишниот Јове Стојчевски од Битола пак е најсреќниот на свечената манифестација што денеска се одржа во црковниот двор на храмот „Св. Великомаченик Димитриј“ по повод христијанскиот празник Богојавление-Водици.


Деветнаесетгодишниот Цветко Митрески го извади светиот крст од водите на реката Црн Дрим во Струга. Стружанецот, кој десетти пат скокал по светиот крст, три пати го фаќал во Дебар, а прв пат во родната Струга. Дваесет и седумгодишниот Дарко Илов по втор пат го фати светиот крст во Црна Река кај Росоман.

Во Скопје, на манифестацијата пак беше испратена и порака до властите.

„Името ни е идентитетот“ пишуваше на голем постер распослан на кејот на Вардар во Центар.

На прославувањето на Водици присуствуваа исто така министри од владата меѓу кои заменик претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори Кочо Анѓушев и министерката за правда Рената Дескоска, присуствуваа на централната манифестација во Скопје, на чинот на фрлањето на Светиот крст во водите на реката Вардар, што се одржа на мостот Слобода, каде архиепископот охридски и македонски Г. Г. Стефан ги освети водите и го положи крстот во реката Вардар.

„Во мое лично име и во името на Владата на Република Македонија на ценетото првосвештенство и на граѓаните на Република Македонија од православна вероисповед им го честитам денешниот празник, Богојавление Водици. Исто, посакувам како што симболиката на денешниот празник е дека со водата може да ги исчистиме сите лоши работи, посакувам сé што е лошо во оваа држава да се исчисти и ова да биде почеток на нова ера за Република Македонија. Се надевам дека во иднина ќе имаме поголем просперитет, економски напредок и подобар живот за сите граѓани. Ќе направиме сплотување на сите граѓани, и лошите случки од минатото ќе ги заборавиме и сите ќе се посветиме кон обезбедување на подобар живот се сите граѓани. Тоа е моја лична желба и се надевам дека ќе стане реалност“, изјави вицепремиерот Анѓушев.

Вицепремиерот Анѓушев и министерката Дескоска му честитаа на Христијан Ниневски, кој оваа година успеа да го фати крстот во осветените води, како и на сите останати верници кои учествуваа во овој свет чин.

Заменик претседателот на Владата на РМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и министерот задолжен за странски инвестиции, Елвин Хасан присуствуваа на масовната манифестација во Охрид и му честитаа на среќниот граѓанин кој успеа да го фати крстот, посакувајќи да го следи среќа и добрина низ целата година.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески присуствуваше на прославата за Богојавление Водици во Прилеп, додека министерот задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашни претпријатија, Зоран Шапуриќ присуствуваше на манифестацијата на реката Дрим во Струга

По повод овој голем христијански празник Водици, за значењето на зборуваше и отец Антонио Апостоловски, професор на Македонската православна богословија.

-Богојавление-Водици има два називи, Водици бидејќи денеска се осветуваат водите насекаде низ светот, а Богојавление затоа што за време на крштевањето на Господ Исус Христос во реката Јордан, Бог се јавил во три лица, Света Троица, Отец, Син и Свет Дух и го посведочил самиот настан на крштевањето на Господ Исус Христос. Главното значење на овој денешен празник е токму настанот на крштевањето на Господ Исус Христос во реката Јордан. Кога наполнил 30 години, отишол кај Св. Јован Крстител, каде што проповедал и крштевал на реката Јордан, за да се крсти и да му покаже на човештвото како да се очисти од гревот. Во моментот на крштевање сите можеле да посведочат кога од небото се чул гласот на Отецот кој велел „Ова е мојот возљубен син, кој е по мојата волја“, а Светиот Дух се спуштил врз Господ Исус Христос во вид на гулаб и така на човештвото му се објавила Света Троица, односно Бог со три лица, според нашето православно христијанско учење, објаснува отец Апостоловски.

Целиот разговор со него погледнете го во видеото.