ВЛИJAНИЕТО НА ГРАДЕЖНАТА ИНДУСТРИЈА ВРЗ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ

ИЗВОРArh
|

Генерално, во економската литература постојат неколку дефиниции за градежништвото како економска активност. Од една страна, градежништвото се дефинира како економска активност која го опфаќа целиот градежен процес, почнувајќи од производство на сурови и обработени градежни материјали и компоненти, обезбедување на професионални услуги како што се изработка и управување со проекти, па се до извршување на физичка работа на лице место.

Според оваа дефиниција, градежништвото е економска активност која опфаќа три економски сектори и тоа: примарен сектор, кој вклучува екстракција на природни ресурси, секундарен сектор, кој вклучува производство на градежни материјали и компоненти и трансформација на овие материјали во готови објекти и терцијарен сектор, кој вклучува обезбедување на консултантски услуги, како што се изработка и управување со проекти, како и структурно инженерство (Gruneberg, 1997).

Оттука, градежништвото како процес започнува многу долго пред физичката работа која подразбира трансформација на материјалите во комплетни згради, конструкции и објекти. Градежништвото е важен дел од процесот на развој и модернизација. Токму градежната индустрија ги постави физичките и технолошките основи врз основа на
кои се разви модерната цивилизација. Исто така, градежната индустрија создава можности за инвестирање во различни сродни сектори и е од витално значење за постигнување на националните социо-економски цели.

Постојат неколку фактори кои јасно ја истакнуваат важноста на градежната
индустрија и тоа:

– Влијание врз човековиот развој:

Дефинитивно не постои аспект на човековиот живот и цивилизација врз кој градежништвото нема длабоко влијание, затоа што не опфаќа само физички објекти, туку и зближување на луѓето во нивните социјални, културни, политички, рекреативни и економски потфати. Градежништвото опфаќа многу широк опсег на човечки активности и тоa од колиби
до облакодери, од патеки до автопати со супер експресни патишта, од селски продавници до супермаркети и големи индустриски комплекси, од набљудувачки станици на високите Хималаи до платформи за дупчење во длабоките мориња.
Сите овие конструкции се направени со цел луѓето ефикасно да го живеат својот живот, како и непречено да ги извршуваат своите секојдневни активности.

– Влијание врз економијата:

Градежништвото придонесува за економскиот развој на националната економија преку генерирање аутпут, отворање на работни места и генерирање приход. Во земјите во развој, изградбата на физички капацитети сочинува повеќе од една
половина од бруто домашните инвестиции и има тенденција да биде концентрирана на основната инфраструктура во земјоделството, рударството, транспортот, телекомуникацискиот сектор и комуналните услуги. Инфраструктурните услуги имаат одреден придонес во БДП, но тие исто така го стимулираат развојот на други индустрии кои, пак, директно придонесуваат за економскиот раст.

Градежништвото игра клучна улога во растот на економијата преку обезбедување на основните инфраструктурни објекти. Виталноста на националната економија често се мери со следење на почетокот на изградбата на нови домови, како
показател за довербата на потрошувачите. Зголемувањето на нивото на градежната активност ќе го зголеми БДП и позитивно ќе влијае на вработеноста и јавниот приход. Секое буџетско стегање на градежништвото ќе ја намали
градежната активност и по одредено време ќе се одрази со намален БДП и забавување на економскиот раст. Секоја промена на нивото на градежното производство ќе има голем соодветен ефект врз економијата на земјата во целина.
Низ целиот свет, градежништвото е водечка индустрија во сите пазарни економии. Тоа е првиот показател за виталноста на економијата. Неговото забрзување подразбира засилен економски раст и обратно.

– Инвестиции:
За големите проекти, како што се изградба на автопат или пак правење на железничка пруга, потребни се огромни конструкции, а тоа од друга страна подразбира високи трошоци. Сигурен и ефикасен градежен проект, обично
привлекува многу странски инвестиции (посебно откако ќе ги видат некои од финалните градежни објекти, тие се посигурни во идејата да ги вложат своите пари). Ваквата инвестиција ќе биде добра за нивниот бизнис, како и за
економскиот раст на националната економија.

– Зголемување на туризмот:
“Шинкасен” или познат како воз со брзина на куршум, е едн од најбрзите и добропознати возови во светот. Многу луѓе патуваат во Јапонија, само да го искусат моментот на возење со тој воз и тоа доведува до зголемување на
јапонскиот туризам. Со помош на градежната индустрија, направени се многу прекрасни облакодери, како на пример, Бурџ Калифа и Статуата на слободата, кои што го привлекуваат интересот на многу луѓе ширум светот да ги посетат овие
згради, статуи, како и јавниот превоз. Без градежништвото, сите овие објекти не би постоеле, така што странските туристи би немале интерес за посета на земјите.

– Можности за работа за сите:
Зголемената побарувачка на градежните индустрии ќе создаде многу можности за работа за многу луѓе. Имањето можност за работа ќе ја намали стапката на невработеност, додека пак работниците ќе бидат попродуктивни.

– Поврзување со други индустрии:

Голем дел од градежните инпути се во форма на суров, полупреработен и преработен материјал, на пр. агрегат, тули, цемент, челик итн., кои се обезбедени од релативно трудоинтензивни домашни продавачи и основни индустрии. Оттука,
градежната индустрија влијае на речиси сите сектори на економијата и претставува значаен стимул за нивен раст.
Врз основа на горенаведеното, градежната индустрија има важна улога и придонес во генерирањето на економскиот раст на земјата. Расположливата економска литература укажува на постоење силна врска меѓу градежната
активност и економскиот раст (Dlamini, 2005). Градежниот сектор, воглавно се занимава со обезбедување на капитална инфраструктура, која што има влијание врз економскиот раст. Изградбата на ваквата инфраструктура создава значителни
можности за вработување на населението, што генерира дополнителни инвестиции во другите сектори во економијата, преку ефектот на мултипликација.

Според Anaman и Amponsah (2007), градежната индустрија може да мобилизира и ефективно да користи локална работна сила и ресурси во развојот и одржувањето на домувањето и инфраструктурата, за промовирање на локални вработувања и подобрување на економската ефикасност. Градежната индустрија има забележлив придонес во економскиот аутпут на една земја, генерира вработувања и приходи за луѓето и затоа ефектите од промените во градежната индустрија врз
економијата се присутни на сите нивоа и практично во сите аспекти на животот (Field and Ofori, 1988). Тоа укажува на фактот дека градежништвото е силно поврзано со многу економски активности и што и да се случува во оваа индустрија
директно или индиректно ќе влијае на другите индустрии, а оттука и врз благосостојбата на националната економија (Bon, 1988; Bon and Pietroforte, 1990; Bon et al., 1999; Lean, 2001; Rameezdeen, 2007). Во тој контекст, градежната
индустрија се смета за суштинска и многу важна детерминанта на економскиот раст (Field and Ofori, 1988).

Важната улога на градежната индустрија во националната економија беше потенцирана и од страна на Turin (1969). Имено, врз основа на анализа на податоци од голем број на земји со различни нивоа на развој, Turin (1969) тврди
дека постои позитивна корелација меѓу аутпутот на градежната индустрија и економскиот раст. За просперитет на било која нација, градежната индустрија е суштинска. Градежната индустрија е една од најголемите индустрии во светот. Придонесот на оваа индустрија кон глобалниот БДП изнесува околу една десетина од вкупниот износ. Исто така, градежната индустрија е потенцијален генератор на вработување и обезбедува работа на речиси 7% од вкупната вработена работна сила во целиот свет (Watch, 2010). et al. (2010). Градежната индустрија е еден од
најдинамичните модератори на целокупната економија во една земја (Isik et al., 2010). Обемот на оваа индустрија стана толку огромен што енергијата, во форма на електрична енергија или гориво, потрошена од неа изнесува околу две петтини од вкупната енергија потрошена низ целиот свет. Ресурсите што се користат во градежниот сектор изнесуваат околу 50% од вкупните светски ресурси. Градежната индустрија стана основа за оценување на перформансите на економската состојба на една земја (Raman et al., 2008). Градежната индустрија игра важна улога во
подобрувањето на економските перформанси и националната благосостојба на една земја преку трансформирање на различни ресурси за изградба на економски и социјални објекти (Bashir, 2000). Во просек, градежната индустрија придонесува од 5%–9% од бруто домашниот производ (БДП) на земјите во развој (Abu Bakar, 2002).

Градежната индустрија има важна улога и во периодот на глобалната пандемија предизвикана од вирусот КОВИД-19. Постојат четири начини преку кои градежната индустрија може да доведе до економско закрепнување поради последиците од глобалната пандемија и тоа:

1. Обезбедување на одржливост преку проекти и инвестиции: Во периодот на глобалната пандемија предизвикана од вирусот КОВИД-19, најголем акцент во градежната индустрија беше ставен на проектите за одржување, кои многу побрзо се одобруваат, за разлика од проектите за изградба на објекти. За малите или средните градежни компании ваквите проекти се предност, бидејќи владата често се обраќа кон меѓународни изведувачи за проекти од поголеми размери.

2. Користење на трудо-интензивни градежни методи:
Како последица на глобалната пандемија, еден од клучните проблеми во националните економии е порастот на невработеноста и сиромаштијата. Во денешни услови, многу компании ја прифаќаат технологијата, како што е на
пример софтверот за управување со трошоци. Сепак, градежништвото е една од ретките индустрии, каде што сеуште може да се ангажира работната сила. Поради тоа, во областите со висока стапка на невработеност или ниски плати, се дава препорака градежните компании да применат методи за градење или поправка засновани на работна сила. Ова ќе обезбеди можности за вработување на повеќе луѓе за време на траењето на проектот и ќе ја намали стапката на невработеност.

3. Обезбедување на рамнотежа за време на големи градежни проекти:
Градежните проекти носат со себе и низа т.н. “разбранувачки ефекти” врз економијата. Кога се работи на големи градежни проекти, добро е да се ангажираат локалните бизниси и работната сила. Преку ангажирање на локални
работници и користење на суровини од локални извори, градежниот проект директно може да влијае во насока на подобрување на локалниот бизнис. Од друга страна пак, работниците кои се ангажирани на проектот, често пати имаат
потреба од различни услуги, како на пример, храна и сместување. Локалните бизниси во таа област, од локални ресторани до кафулиња, домови и бензински пупми, можат да ги задоволат тие потреби. На тој начин, градежните проекти индиректно придонесуваат за економското закрепнување во таа област.

4. Промовирање на зелена инфраструктура:
Инвестициите во зелената инфраструктура ќе имаат важна улога во постигнување на економското закрепнување после КОВИД-19. Градежните фирми можат да помогнат во закрепнувањето на националните економии, преку прифаќање на
зелената инфраструктура. Еден начин да се направи ова е употребата на обновливи извори на енергија, како на пример соларните панели во домаќинствата и комерцијалните згради. За да успее ова, неопходно е прифаќање на проекти на национално ниво, кои ќе влијаат на транспортниот сектор во насока на усвојување на електрифицирани транспортни системи и промовирање на обновувањето на екосистемот.

За илустрација на значењето на градежната дејност за економијата на РСМ, во продолжение следат кратки анализи, преку кои може да де види како оваа дејност влијае на вработеноста, БДП на земјата, инвестициите, потрошувачката на
градежми материјали и сл. На почетокот од анализата даваме преглед на бројот на активни, новосоздадени и
згаснати градежни компании во РСМ во периодот 2021-2019 година (Графикон 1)

Графикон 1: Активни, новосоздадени и згаснати градежни компании по години

Извор: ДЗС

Како што може да се забележи од графикон 1, бројот на активни претпријатија во секторот градежништво во РСМ во последните години бележи тренд на раст. Така, во 2012 година активни биле 4.344 компании, додека во 2019 година 5.270 компании. Исто така, бројот на новосоздадени претпријатија за време на разгледуваниот период е зголемен, а намален е бројот на згаснати претпријатија. За 2020 година достапни податоци има само за бројот на активни претпријатија, кој изнесува 5.263 и опфаќа 6,93% од активните субјекти во државата.

И покрај тоа што градежништвото е една од носечките дејности во секоја економија, интересот на младите за работа во градежната индустрија не е многу голем. Работата во градежништвото се смета за помалку престижна во однос на
други индустрии. Често пати терминот градежен работник е синоним за работник со сина униформа, низок статус, и недостаток на јасни патеки во кариерата. Покрај тоа, се случува и родителите и наставниците при насочување на децата во избор на професијата да ја гледаат градежната работа како последна опција кога не би можело да се најде друга работа. Во тој контекст подолу (во графикон 2) е претставено процентуалното учество на вработените во градежништвото и во останатите сектори во вкупниот број на вработени, како и процентуалното учество на вработените во градежната
индустрија во однос на вкупниот број на вработени по години.

Графикон 2: Процентуално учество на вработени во одделни сектори во однос на вкупно вработени по години

Извор: ДРЗ
Податоците од графикон 2 покажуваат дека процентуалното учество на бројот на вработени во секторот градежништво во однос на вкупниот број на вработени по години во просек се движи околу 6%. Најголемо учество на вработени во вкупниот број на вработени има во секторот преработувачка индустрија, а по неа следи секторот трговија на големо и мало, а најмало учество бележи рударството и дејностите со недвижен имот.

Графикон 3 појасно го покажува трендот на движење на процентуалното учество на вработените во градежната индустрија во однос на вкупните вработени во земјата, по години.

Графикон 3: Процентуално учество на вработени во градежна индустрија во однос на вкупен број на вработени по години

Процентуалното учество на бројот на вработени во градежната индустрија во однос на вкупниот број на вработени во Р.Северна Македонија се менува од година во година. При тоа, најголемо учество бележи во 2019 година, додека
најниско во 2013 и 2018 година. Во 2020 година во секторот градежништво биле вработени 55.165 вработени, што претставува 5,58 % од вкупниот број на вработени во државата во оваа година.

Анализата на градежништвото ја продолжуваме со податоци за исплатената нето плата во градежништвото, за која цел користиме дескриптивна статистика, за периодот јануари 2019-март 20

Табела 1: Исплатена плата во индустријата градежништво по месец(Јануари 2019-Март 2022) -Дескриптивна статистикa

Просечната исплатена плата во секторот градежништво во периодот Јануари 2019 до Март 2022 година изнесува 37.843 денари, со стандардна девијација од само 459 денари, што покажува дека нема големи осцилации на месечните примања на вработените во градежништвото во однос на просечната плата во државата. Минималната плата за време на овој период изнесувала 31.774 денари, додека максималната 43.852 денар. И покрај тоа што како причина зошто младите луѓе го избегнуваат градежништвото како професија е генералното мислење дека платите кои се примаат во оваа индустрија се пониски за разлика од другите индустрии, просечната плата во секторот градежништво е малку пониска од вкупната просечна плата во државата. Така, просечната вкупна бруто плата во период Јануари 2021 до Април 2022 изнесувала 43.903,1 денар, додека во секторот градежништво 40.780 денари.

Развојот на секоја дејност, па и на градежништвото, зависи од инвестирањето во неа. Во графикон 4 се претставени директните инвестиции во градежништвото за периодот 2010 – 2020 год.

Графикон 4: Директни инвестиции во градежништво во милиони евра, по години

Најголем износ на директни инвестиции во градежништвото се остварени во 2016 година во износ од дури 83.500.000 денари, а најнизок во 2014 и 2018 година за време на разгледуваниот период. Од графиконот забележуваме непостојано
движење на ваквите инвестиции од година во година. Директните инвестиции во градежништвото во 2020 година изнесувале 19,3 милиони евра, што претставува пад од 47,2 % во споредба со 2019 година, кога директните инвестиции
изнесувале 36,6 милиони евра. Исто така, не можеме да забележиме раст помеѓу првата и полседната година од анализата. Ова неспорно укажува на потребата од стимулирање на инвестирањето во градежништвото, имајќи ја во предвид неговата улога во развојот на економијата.

Во продолжение се претставени директните инвестиции во градежништвото по основ сопственички капитал и должнички инструменти во периодот 2010-2019 година.

Табела 2: Директни инвестиции во градежништвото по основ сопственички капитал и должнички инструменти

Извор: НБРСМ

Развојот на градежната дејност и нејзиниот придонес за економскиот раст на земјата може да се набљудува и преку вредноста на потрошените градежни материјали и енергија, како главни инпути за извршување на дејноста. Графиконот
5 го илустрира трендот на потрошените градежни материјали и енергија во РСМ почнувајќи од 2000 до 2020 година.

Графикон 5: Потрошени градежни материјали и енергија

На графиконот вредносно е прикажан износот на потрошените градежни материјали и енергија во периодот 2000-2020 година. Значително најголем износ се забележува во 2016 година, а најголем пад во 2007 година. Сепак, овој износ
бележи нагорен тренд низ годините, при што се зголемува од 4.728.466 во 2000 година на 9.975.478 во 2020 година. Ова е позитивен показател, кој укажува на зголемена потрошувачка на градежни материјали, што секако укажува на
интензивирање на градежната дејност.

Влијанието на градежништвото врз платниот биланс на РСМ, преку учеството на извозот и увозот на градежни работи по години, е претставено на следниот графикон.

Графикон 6: Платен биланс на Република Северна Македонија, стоки и услуги, по години (извоз и увоз на градежни работи)

Извор: НБРСМ

Од платниот биланс може да забележиме дека во годините 2010, 2011, 2012, 2018, 2020 и 2021 извозот на градежни работи е поголем од увозот. При тоа, износот на графиконот е налик на звоно што покажува дека најголем извоз, но и увоз е остварен во периодот 2014-2018 година, додека во првите и во последните години од анализата е значително помал. Причината за последните години секако може да ја припишеме на кризата предизвикана од Ковид пандемијата, што значително го усложни и намали движењето на работната сила меѓу државите, вклучително и на градежните работници. Секторот градежништво придонесува за пораст на економскиот раст. Имајќи предвид дека градежништвото е трудо-интензивна дејност, кога овој сектор работи со полн капацитет, голем дел од работоспособното население е активно. Покрај тоа, како инвестициски сектор, градежништвото има потенцијал позитивно да влијае на краткорочен раст. Според тоа, градежништвото може да се смета како главна компонента на инвестиционите програми особено за земјите во развој и економиите во транзиција, како што е и Република Северна Македонија. Оттука, јасно е дека активностите во градежништвото влијаат на речиси секој аспект на економијата и дека оваа индустрија е од витално значење за економскиот раст. На графиконот е претставено учеството на градежништвото во БДП во периодот од 2001 до 2019 година.

Графикон 7: Учество на градежништвото во БДП по години (по тековни милиони денари)

Од графиконот се гледа дека учеството на градежништвото во БДП за време на разгледуваниот период бележи нагорен тренд. Така, во 2001 година овој износ изнесувал 48.584 милиони денари, додека во 2019 е зголемен за 45,57% односно
изнесува 106.603 милиони денари.

Со цел да направиме компаративна анализа на учеството на градежништвото и другите сектори во БДП, подолу во графикон 8 е прикажано нивното учество за 2019 година (последна година за која има расположливи податоци), како и
просечното учество на одделни сектори во вкупниот БДП во периодот 2000-2019 година (табела 3).

Графикон 8: Учество на одделни сектори во БДП за 2019 година (по тековни милиони денари)

Градежништвото во 2019 година учествува со износ од 106.603 милиони денари. Од графиконот се гледа најголемо учество на преработувачката индустрија, а најмало во дејности на домаќинствата .

Табела 3: Просечно учество на одделни сектори во вкупниот БДП во периодот 2000-2019 година (во тековни милиони денари)

Во табелата 3 е претставено просечното учество на одделни сектори во вкупниот БДП за период 2010-2019 година. Забележуваме дека градежништвото се наоѓа на високо, четвртото место веднаш по преработувачката индустрија, трговијата на големо и на мало и земјоделството, што го потврдува неговото големо значење во создавањето на бруто домашниот производ и растот на економијата во нашата земја.

Имајќи го предвид големото значење на бруто додадената вредност, како детерминанта на реалниот раст и развој на економијата, го анализираме учеството на градежништвото и на уште три најголеми сектори во бруто додадената вредност во периодот помеѓу 2010-2020 година.

Графикон 9: Учество во бруто додадена вредност на одделни сектори по години (во милиони денари)

Според графиконот, градежништвото како гранка е на четврто место од сите сектори кои учествуваат во формирање на бруто додадената вредност во периодот од 2010-2020 година, при што линијата на трендот е благо нагорна. Со цел попрецизно да ја прикажеме врската меѓу градежништвото и економскиот раст, подолу е претставена корелацијата меѓу БДП изразен како годишен раст и стапката на невработеност од една страна и прометот во градежништвото и извршените градежни работи од друга страна.

Бруто домашниот производ и прометот во градежништвото покажуваат позитивна корелација, што значи дека порастот на прометот придонесува за пораст на БДП. Сепак, коефициентот на корелација не покажува многу силна врска. Секако ова не можеме да го толкуваме како слаба врска помеѓу овие две варијабли, затоа што мораме да имаме предвид фактот дека на порастот на БДП покрај градежништвото влијаат и многу други фактори. Истото се однесува и на односот меѓу извршените градежни работи и бруто домашниот производ. Корелацијата не е силна, но е позитивна, што секако оди во
прилог на големото значење кое градежништвото го има на економскиот раст. Односот меѓу прометот во градежништвото и стапката на невработеност логично е обратно пропорционална, што покажува дека зголемувањето на прометот ја намалува стапката на невработеност. Согласно рангирањето според Пирсоновиот коефициент, врската меѓу нив е силна. Откако ја испитавме корелацијата помеѓу градежништвото и економскиот раст, подолу правиме регресиона анализа на влијанието на прометот во градежништвото, извршените градежни работи и потрошените материјали врзбруто домашниот производ, т.е. неговиот раст. Резултатите се прикажани во продолжение.

Регресионата статистика покажува значајност на моделот, имајќи ги предвид R squared и Adjusted R squared, како и F статистиката. Во однос на коефициентите на независните променливи може да забележиме дека извршените градежни
работи и прометот во градежништвото имаат позитивен знак, односно врска во права пропорција со БДП, што е очекувано, освен коефициентот на потрошени материјали. Коефициентите на варјаблите извршени градежни работи и потрошени материјали се статистички значајни на ниво дури од 1% , но тоа не е случај со прометот во градежништвото. Одреденото отстапување од очекуваното се должи на тоа што на БДП освен овие три варијабли влијаат и многу други.

Подолу е направена регресија меѓу истите независни варијабли, но како зависна варијабла е земена стапката на невработеност. Резултатот е прикажан во табелата во продолжение.

И во овој случај можеме да оцениме дека се работи за точен модел согласно добиените параметри. Коефициентите на варијаблите извршени градежни работи и промет во градежништвото имаат негативен предзнак, што покажува обратно
пропорционална врска со зависната варијабла, односно порастот на прометот и на извршените градежни работи влијае на пад на стапката на невработеност. Кај варијаблата потрошени материјали и енергија повторно воочуваме нелогична
поврзаност. Статистичка значајност на ниво од 1% имаат коефициентите на варијаблите извршени градежни работи и потрошени материјали и енергија.

Заклучни согледувања

Градежниот сектор, со својот придонес во економскиот развој и економските активности, има значајно влијание во развојот на секоја земја. Градежништвото игра важна улога во економското издигнување и развој на земјата. Тоа може да се смета како механизам за генерирање на вработување и нудење можности за работа на милиони неквалификувана, полуквалификувана и квалификувана работна сила. Исто така, игра клучна улога во генерирање приходи во
формалниот и во неформалниот сектор. Со него се надополнуваат девизните приходи од трговија со градежни работи.
Градежната индустрија се соочува со широк спектар на предизвици кои мора да се решат, доколку се сака да се одржи, и ако е можно, да се подобри нејзината конкурентност, затоа што зголемената конкурентност во градежништвото влијае
врз останатите индустриски сектори, како и врз вработеноста и растот на целата економија.

Текстот е изготвен во рамките на публикацијата на Проф.д-р Весна Георгиева Свртинов, Проф. д-р Оливера Горгиева-Трајковска и Проф. д-р Емилија Митева-Кацарски.

Извор:Arh.mk