Во Македонија нема „африканска свинска чума“, но болеста е многу блиску- не внесувајте храна од животинско потекло

ИЗВОРСкопје24
|

Во земјава нема „африканска чума“, ниту кај свињите на комерцијалните фарми, ниту кај популацијата диви свињи, соопшти денеска директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.

Сепак, како што рече Атанасов на прес-конференција, болеста е многу блиску, ја има во Бугарија, поради што состојбата будно се следи, на дневна основа.

-Апелираме, граѓаните кои патуваат во Бугарија и во другите земји каде е потврдено присуство на „африканска свинска чума“, при враќање во земјава, во личниот багаж да не носат храна од животинско потекло. Во спротивно, ќе им биде одземена, истакна Атанасов.

Информира и дека се засилени контролите на граничните премини, и од страна на официјалните ветеринари и од страна на царинските службеници, а поставени се и бариери за дезинфекција поради зголемената фреквенција на патници со оглед на летните одмори.

– Интензивирана е и контролата на добиточните пазари, а на сила е и забраната за носење свињи за продажба без потврда за нивната здравствена состојба, потенцира Атанасов.

Воедно најави дека ќе се спроведе т.н. санитарен отстрел во ловиштата по што ќе се земаат и мостри за анализа. Целта е бројот на диви свињи да се сведе на биолошки минимум за да се елиминира каква било опасност од појава или ширење на „африканска чума“. Наредбата за отстрел е веќе издадена.

-Мора да ја подигнеме свеста за болеста на повисоко ниво, а тоа меѓу другото, значи и дека секој треба да си ја заврши својата задача. Комуналните инспектори во општините да вршат заловување на свињите кои ќе бидат затекнати на јавни површини, одгледувачите во селските домаќинства да ја почитуваат забраната за чување на свињите на отворено, да не ги пуштаат на паша, бидејќи постои ризик да дојдат во контакт со дивите свињи кои може да ја пренесат болеста, ловџиите, ловните друштва, шумарските работници и собирачите на шумски плодови да го пријават секое угинување на диви свињи кое ќе го забележат до официјалните ветеринари или до најблиското ветеринарно друштво, а ветеринарните друштва будно да ја следат здравствената состојба на свињите во одгледувалиштата и до официјалните ветеринари да го пријават секој сомнеж за појава на оваа болест, напомена Атанасов.

Според него, многу е битно е и вработените на комерцијалните фарми да не се занимаваат со лов на диви свињи и дома да не чуваат свињи.

Директорот на АХВ потсети дека се спроведени биосигурносни мерки во сите големи комерцијални фарми каде се застапени до 40 отсто од гоениците, додека останатите 60 проценти кои ги чуваат селските домаќинства би било добро да ги испочитуваат препораките.

„Африканската свинска чума“ првпат се појави во 2007 година, во Казахстан, но брзо се прошири и во другите земји. Денес ја има во Романија, Унгарија, Естонија, Латвија, Летонија, Белорусија, Украина, Полска,… Болеста не е опасна за луѓето, но брзо се шири и е погубна за свињите. Особено се големи економските загуби, ако навреме не се интервенира и спречи.

АХВ во континуитет презема мерки за заштита. Како што потсети директорот, донесени се забрани за увоз и транзит на свињи, производи и нус производи од свинско месо од земјите и регионите каде е потврдено присуство на болеста, а од 2017 година почна и мониторингот на присуство на „африканска чума“ кај дивите свињи. Изработен е План за итни мерки и оперативен прирачник за справување со „африканска чума“.