Живееме во време во кое животот брзо се развива, надоградува и променува. Но, и покрај целиот постигнат напредок во различни сфери забораваме да извршиме промени и да вложуваме во еден клучен дел за развитокот на општеството – образованието.
Дали тоа се основните и средните училишта, градинките или универзитетите, состојбата е загрижувачка во сите. Проблемот е суштински со километарски корења. Уште од најмалите клупи децата се среќаваат со несоодветен образовен материјал – стари едиции на книги, стари принципи на предавање на материјалот.
Имаме неквалификуван кадар. Јас лично имав наставници во основното образование кои предаваа повеќе предмети како математика и музичко, а како да не беа доволни два предмети од сосема различни области, па предаваа и трет предмет – етика.
Извонредни луѓе сме ние Македонците. Очигледно сме народ со натпросечна интелигенција каде луѓето завршуваат не еден, туку 3 или 4 факултети. Експерти сме на секое поле. Сè е можно во оваа наша „чудесна“ земја.
Уште од почеток имаш „дупки‘ во знаењето и така продолжуваш во средното образование каде состојбата е уште позагрижувачка. Просветата е една сфера во која кадарот треба да подложи на психо-тестови и истите на одреден период да се повторуваат.
За жал, децата и адолесцентите се изложени на наставници и професори кои се агресивни и психички растроени. Ученикот не добива никаква мотивација од професорот кој доаѓа нервозен, го навредува и омаловажува.
Време е да се осознае и почитува границата меѓу професионалноста и личниот живот. Но, проблемот е во тоа што личностите кои треба да ни помогнат во себеформирањето и во растењето на душата и мозокот само ни одмогнуваат.
За жал, кон ученикот не се гледа како „иднината“ на Македонија и светот воопшто. Погледот кој го имаме кон нештата е оној кој го менува светот. Јас и ти и тој и таа – сите ние сме промената на светот.
Низ дупките на образовниот систем, а ги има многу, се пробиваат голем дел ученици. Не може секој и не треба секоја да биде факултетски образован!
Со тој недостаток на филтрација уште од основното и средното образование имаме преоптовареност од студенти на факултетите. Сето тоа и уште низа други фактори придонесуваат на неквалитетното универзитетско образование.
Чест на исклучоци кои за жал се најмногу погодени од студентите кои не заслужуваат да пливаат во универзитетските води. Ова го пишувам за студентите кои се горди кога ќе препишат на испит, за студентите кои ќе ја „позајмат“ магистерската од интернет и за студентите кои факултетот го завршија со протекции.
Ова е иднината на Македонија која се состои од мрзливи луѓе кои не сакаат да се потрудат за ништо во животот. Ова се луѓето кои се најгласни кога е на тема состојбата на нашата држава, а не мрднуваат со прст за да ја променат.
Ова се луѓето кои се најгласни за тоа дека заслужуваат плата од 2.000 евра. Ова се луѓето кои мислат дека трудот (кој е еднаков на нула) со кој го завршиле факултетот во Македонија ќе се вработат во странство, ќе бидат ценети и ќе земаат плата од 2.000 евра и повеќе.
Е па се лажете. И не заслужувате толкава плата на толку малку труд.
И не сакаат во странство мрзливци, сезнајковци и газди. Светот сака луѓе кои се вистински квалификувани и ќе придонесуваат на развитокот на општеството. Колку ќе се испотиш во животот толку и ќе уживаш.
Јас лично го продолжив моето високо образование на универзитет во странство. За разлика од моите врсници кои добиваат 10-ки само поради активност на час или добиваат оценка за предметот врз основа на испит на половина од материјалот кој го изучуваат, во странство универзитетите се ригорозни.
Македонскиот студент не знае да напише научен труд по „APA“ стандарди или да ги напише сите референци во истиот. Кога би провериле колку научни трудови се напишани врз основа на овие или кои било други стандарди 90 проценти би биле плагијати, а кога би ги прашале студентите кои се тие стандарди не знаат ни што се.
Студентите во странство неверојатно многу се трудат и минуваат постојано низ филтрации низ кои се врши уште поголема селекција на тоа кој смее да го продолжи факултетот, а кој не. И се разбира после ќе им биде и одлично платено за трудот. Затоа е светот понапред од нас, затоа што создава квалификувани личности кои ќе се залагаат за развиток.
Не е проблемот државата, проблемот е во луѓето, луѓето ја прават државата. Како да бидеме „светска“ држава кога сиромаштијата на мозокот е во загорувачки мери?
Во свет на мултилатерализам, демократија, поддршка на геј-бракови и ред други работи, не можеме и не смееме да бидеме толку примитивни. Примитивизмот кој живее во нас, ограниченоста на нашите сфаќања и сиромаштијата на мозокот се главните кочници и главни виновници на состојбата во која се наоѓаме.
Наводнувајте ги мозокот и душата. И тие се живи организми како растенијата. Нахранете ги со книги, проширете го сопствениот видик и наводнете ги со креативност, љубов и желба за соработка, желба за меѓусебен успех, а не само сопствен.
Ако не чинат очилата низ кои го гледаш светот, смени ги. Направи промена и тоа денес. Треба да знаеме дека има безброј очила низ кои може да се набљудува светот. А начинот на кој ги гледаш работите влијае на начинот на кој ќе се однесуваш и дејствуваш.
Доколку ги одбереме соодветните очила и создадеме една култура во оваа наша институција-Македонија во која сите заедно ќе бидеме предводени од истите вредности за постигнување на цели за доброто на сите, тогаш ќе имаме и квалитетно образование и квалитетно здравство и воопшто квалитетна држава.
Тогаш ќе бидеме и ние „светски“ и ќе земаш 2.000 евра плата студенту драг.
Црнобело.мк