Во Москва турканици за рускиот „МекДоналдс“ – редици во „Вкусно и точка“

ИЗВОРНов Лист
|

„Мекдоналдс“, најпознатиот светски бренд за брза храна, се повлече од рускиот пазар. Тие ги продадоа своите 800 ресторани на бизнисменот Александар Говор.

Во Москва денеска беа отворени првите ребрендирани ресторани, под името „Вкусно и точка“.

Логото на „Мекдоналдс“ е заменето со два стилизирани помфрити и точка која наликува и на стилизирана плескавица. Во Москва денес се одржа прес-конференција од страна на новите сопственици, на плоштадот Пушкин, каде пред 32 години беше отворен првиот „Мекдоналдс“ во Русија.

„Нашата цел е гостите да не ја почувствуваат разликата во квалитетот или амбиентот“, изјави Олег Пароев, директор на „Вкусно и точка“. Слоганот под кој работи синџирот за брза храна е „името се смени, но љубовта останува“.

Пред 32 години, по распадот на СССР, отворањето на „Мекдоналдс“ во Русија симболично го означи отворањето на поранешна комунистичка земја. Денешниот ден исто така симболично го опишува растојанието помеѓу Москва и западниот свет.