Посетата на Индија за многумина не е на врвот на листата на дестинации кои би ги посетиле во истиот момент, освен ако не сте заљубени во нејзината култура.
Сепак, Индија е добра учителка, а по патувањето во оваа земја со сигурност ќе понесете искуство кое се памети цел живот.
Една од првите работи со кои се среќаваат туристите, откако ќе стапнат на индиското тло, се мноштвото деца кои молат за една рупија и тоа на совршен англиски јазик. Ако им кажете дека немате, тие ќе го следат секој ваш чекор, додека едната страна не се откаже, а ако им дадете по некоја рупија – како невидлива сила ќе се соберат уште повеќе деца.
“Зошто би одела на училиште кога заработувам на овој начин, а во разговор со туристите учам и странски јазици”, објаснила една сиромашна девојка со разоружувачка насмевка и големи кафеави очи, која ги поминува своите денови на улиците на Њу Делхи.
Пожелно е да станете рано наутро ако сакате да стигнете навреме за да го посетите славниот Таџ Махал, споменикот на вечната љубов. Не за да ги избегнете високите температури, туку поради метежот кој се создава и со цел да ја доживеете велелепната гробница во сите нејзини бои.
Работното време за посетителите е од самрак до зори, а наутро вратите се отвораат во 6 часот. Како што патува сонцето, така белиот мермер ја менува својата боја од нежно розова до сребрена нијанса.
Срдечноста во индиската култура е работа на бонтон, а Индијците на бројни начини кажуваaт “не” – од промена на темата до избегнување или одлагање на одоговорот, за да не се доведат во ситуација да мораат да го разочараат соговорникот. Затоа, доколку се најдете во ситуација да мора да прашате за насоки, подобро прашајте “Каде се наоѓа Агра?” отколку “Дали Агра е на десната страна?”.
При патувањата задолжително понесете огромно трпение со себе, бидејќи во Индија ретко што се одвива според распоредот. Возовите знаат да доцнат и по два дена, а патувањето во текот на празниците не се препорачува поради огромниот метеж.
Бидете припремени и на големата бука во сообраќајот бидејќи свирката на Индијците им служи наместо трепкач – свират кога вртат, кога претекнуваат и речиси секогаш се бунат.