Во Србија вклучен жолт и портокалов метеоаларм поради многу силен ветер, што ја очекува Македонија?

ИЗВОРСкопје24
|

На подрачјето на Белград, Банат и Поморавие е вклучен жолт и портокалов метеоаларм поради силен ветер, соопшти српскиот Републички хидрометеоролошки завод.

Иако е предвидено дека највисоката дневна температура денеска ќе достигне 21 степен Целзиусов, во кошавското подрачје тоа речиси нема да се почувствува бидејќи ќе дува многу силен југоисточен ветер.

Најсилните удари на ветрот ќе бидат на територијата на јужен Банат и Долно Подунавие, повремено и со брзина од над 30 метри во секунда.

Времето во Македонија ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со умерен до засилен ветер од југоисточен правец.

Утринската температура ќе се движи од нула до осум, а дневната од 12 до 20 степени.

Во Скопје слично време, променливо облачно со сончеви периоди и со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Утринската температура ќе се спушти до седум, а дневната ќе се искачи до 20 степени.

Во наредните денови ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди, на места со повремени врнежи од дожд. Од недела до крајот на денот ќе има појава на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен повремено засилен ветер од југоисточен правец.