Вонредната состојба во Македонија дефинирана во Уставот: Како се прогласува и што значи

ИЗВОРНов лист
|

Уставот дефинира дека вонредна состојба може да се воведе кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии, што наликува на актуелната состојба во државава. Во членот 125 од Уставот пишува:

„ПОСТОЕЊЕТО НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА НА ТЕРИТОРИЈАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ИЛИ НЕЈЗИН ДЕЛ ГО УТВРДУВА СОБРАНИЕТО ПО ПРЕДЛОГ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКАТА, ВЛАДАТА ИЛИ НАЈМАЛКУ 30 ПРАТЕНИЦИ. ОДЛУКАТА СО КОЈА СЕ УТВРДУВА ПОСТОЕЊЕТО НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА СЕ ДОНЕСУВА СО ДВОТРЕТИНСКО МНОЗИНСТВО ГЛАСОВИ ОД ВКУПНИОТ БРОЈ ПРАТЕНИЦИ И ИМА ВАЖНОСТ НАЈМНОГУ 30 ДЕНА. АКО СОБРАНИЕТО НЕ МОЖЕ ДА СЕ СОСТАНЕ, ОДЛУКА ЗА ПОСТОЕЊЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА ДОНЕСУВА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКАТА И МУ ЈА ПОДНЕСУВА НА СОБРАНИЕТО НА ПОТВРДУВАЊЕ ШТОМ ТОА ЌЕ Е ВО МОЖНОСТ ДА СЕ СОСТАНЕ.“

Ако се процени дека треба да се воведе вонредна состојба, првото прашање што ќе се наметне е дали Собранието може да се состане поради тоа што донесе одлука да се распушти. Оваа дилема е тесно поврзана и со можното одлагање на изборите закажани за 12 април.

Но, дури и да се заземе став дека Собранието не може да се состане, Уставот предвидува дека вонредна состојба може да прогласи шефот на државата, во случајот Стево Пендаровски.

Доколку дојде до такво нешто, членот 126 нормира дека „Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила“.

„ОВЛАСТУВАЊЕТО НА ВЛАДАТА ДА ДОНЕСУВА УРЕДБИ СО ЗАКОНСКА СИЛА ТРАЕ ДО ЗАВРШУВАЊЕТО НА ВОЕНАТА ИЛИ ВОНРЕДНАТА СОСТОЈБА, ЗА ШТО ОДЛУЧУВА СОБРАНИЕТО“,

Вонредната состојба, според Уставот, повлекува и други последици:

-Мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба (член 128);

-Граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба (член 21);

-Мандатот на пратениците во Собранието може да се продолжи само во случај на воена или вонредна состојба (член 63).

Преведено, ако дојде до одложување на изборите закажани за 12 април, во услови на прогласена вонредна состојба, нема да може да се врати политичката влада, туку со земјава ќе продолжи да управува актуелната техничка влада.

(Извор 360 степени)