Фудбалската федерација на Македонија преку својата веб страница ги повика навивачите кои имаат влезници за денешниот натпревар навреме да дојдат на арената Тодор Проески, но и упати апел за фер и коректно навивање.
“Фудбалската федерација на Македонија ги повикува навивачите кои ќе ја бодрат македонската А репрезентација на утрешниот натпревар против Бугарија на Националната арена „Тодор Проески“, како и до сега, да им бидат поддршка на нашите фудбалери во текот на мечот.
Ги повикуваме сите љубители на фудбалот и поддржувачи на македонската репрезентација со фер и коректно навивање да им помогнат на „Рисовите“ да дојдат до победа на последниот натпревар од групата во Лига на нации.
Апелираме на воздржаност од неспортско навивање, користење пиротехнички средства, неспортски транспаренти, користење на ласери, насилно однесување и фрлање предмети на терен.
Единствено со фер, спортско и коректно навивање покажуваме почит кон нашиот национален тим и почит за противникот.
Воедно, праќаме информација до сите кои ќе го следат натпреварот на Националната арена „Тодор Проески“ дека влезовите на нашиот најголем стадион ќе бидат отворени од 18:45 часот до 20:30 часот.
Ги повикуваме сите љубители на фудбалот, навивачи и поддржувачи на македонската репрезентација навреме да бидат на своите места на Националната арена.
Продажбата на билети за натпреварот Македонија – Бугариjа се организира исклучиво преку продажната мрежа на MKTickets.
Продажбата се одвива исклучиво со физичко присуство на купувачите. Електронска (on-line) продажба на билети нема”