Според курсната листа на менувачниците во Македонија, доларот се изедначи со еврото, за првпат по речиси дваесет години. Пред почетокот на војната во Украина, во февруари годинава, доларот се разменуваше за 55 денари, додека денеска отприлика колку и еврото, околу 61,5 денари. Доларот денеска се изедначи на берзите во светот, што значи дека вредноста на еврото е пониска за повеќе од 12 отсто во однос на вредноста од почетокот на годината.
Во приватни менувачници продажниот курс на еврото и на доларот се изедначени, со разлика од половина денар од менувачница до менувачница, а во банките продажниот курс на доларот е и повисок во однос на еврото.
Ова е највисока вредност на доларот во изминатите 20 години, најмногу поради тоа што се смета за најбезбедна валута за капитал во овие несигурни времиња. Европската валута е под силен притисок најмногу поради стравот на вложувачите дека енергетската криза ќе ја внесе еврозоната во рецесија.