Времен сообраќаен режим утре во Скопје, неколку улици затворени за сообраќај

ИЗВОРСкопје24
|

Министерството за внатрешни работи информира дека утре со почеток во 12.00 часот ќе се одржи марш „Парада на гордоста“. Маршот ќе започне од паркот „Жена борец“ на ул.„Димитрие Чуповски“, десно по ул.„Васил Главинов“, по булевар „ВМРО“ и по булевар „Илинден“ до „Школка“ во Градски Парк.

Исто така, во исто време, ќе се одржи марш „Сведоштво за семејство“. Маршот ќе започне од црквата „Св.Богородица’’ на ул.„Филип Втори Македонски“, десно по ул.„11-ти Октомври“, ул.„Димитрие Чуповски“, ул.„Васил Главинов“, булевар „Партизански Одреди“ до Соборниот храм „Св. Климент Охридски“.

Поради одржување на овие два настани, сообраќајот ќе биде пренасочен по булевар „Кочо Рацин, ул.„Кирил и Методиј“ ,булевар „Св.Климент Охридски“ и другите околни улици.

Полицијата апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници и да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Инаку, Министерството за внатрешни работи ги презема сите неопходни мерки за да се гарантира јавниот ред и мир на Парадата на гордоста, што ќе се одржи на 29 јуни и каков било обид за насилс**о ќе биде најстрого санкциониран. Ќе имаме доволен број полицајци за да помине се во најдобар ред и мир, рече денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски на прес-конференција на Организацискиот одбор на првата Парада на гордоста.

Тој појасни дека МВР пред секој ваков или сличен настан прави план сразмерно на проценките колку луѓе се очекува да бидат присутни на протестот и какви се опасностите, и врз основа на тоа одлучува колку полицајци ќе бидат ангажирани.