За 10 дена ќе се знае дали ќе се поместува почетокот на новата учебна година

|

За околу десетина дена се очекува да имаме конечен став на кој датум ќе почне новата учебна година во септември, односно кој од трите предлози што ги има МОН е прифатлив, најави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

Предлозите кои ги има МОН се новата учебна 2023-2024 година да започне на 11 септември и да заврши до крајот на јуни. Вториот предлог е да остане почетокот на вообичаениот датум 1 септември, а во текот на учебната година да има и краток пролетен распуст. Третиот предлог е учебната година да почне на 1 септември и да заврши како и досега на 10 јуни.

Според Шаќири, наредната недела пред Комисијата за човечки ресури, каде се разговараат темите за образование, ќе бидат образложени трите предлози за почеток на учебната година.

„Ние како Министерство за образование и наука (МОН), за трите предлози, ги собравме сите мислења почнувајќи од учениците, родителите, наставниците и од синдикатите. Наредната недела, на Комисијата за човечки ресурси, каде се разговараат темите за образование, јас како министер ќе ги дадам сите три предлози.

Во истата комисија ќе бидат вклучени од Унијата на средношколци, но и синдикатите за да го дадат своето мислење за делот за почеток на учебната година и мислам дека за 10 дена ќе имаме конечен став кој од предлозите ќе се прифати“, вели Шаќири.