За полуматура се трошат и по 500 евра зашто се случува „еднаш во животот“

ИЗВОРСкопје24
|

Колкави се трошоците на семејствата за овој повод? Секој главно се однесува според желбите и можностите – некои родители и деца се поскромни, па не трошат многу пари за подготовка, но има и родители кои не штедат кога се работи за прослава од ваков вид. Колку се претерува?

Ова е период од годината кога се во тек подготовките за прослава на полуматурата. Колкави се трошоците на семејствата за овој повод? Секој главно се однесува според желбите и можностите. Некои родители и деца се поскромни, па не трошат многу пари за подготовка, но има и родители кои не штедат кога се работи за прослава од ваков вид. Организираните прослави за деветтоодделенците почнуваат во последните денови од мај и траат до пред крајот на учебната година.

Алманах, ресторан, гардероба, екскурзија…

Јана Д. од населбата Автокоманда годинава завршува деветто одделение. Планира да се запише во средно економско училиште. Мајка ѝ вели дека според груба пресметка, завршувањето деветто одделение на нејзиното девојче ќе чини повеќе од 37 илјади денари.

– За ресторанот што го организира училиштето плативме 850 денари. Алманахот и сликите чинат 850 денари. Ќе славиме и приватно во кафеана, а тоа за 40 лица ќе чини околу 25.000 денари. Облеката на полуматурантката исто така чини многу, фустанот го плативме 4.500 денари, чантата 800, штиклите 3.500, а балетанките 700 денари. Освен тоа, ноктите, шминката и фризурата чинат 1.300 денари. Овде не ја вклучувам облеката за мене, мојот сопруг и синот, дотаму уште не сме стасале. Трошок голем е целава прослава, но ете, се мора. Секој месец купувавме по нешто за да не ни дојде наеднаш, но, сепак, севкупно е многу – вели мајката на Јана.

Трошоците за прослава на полуматурант знаат да бидат исто така големи како и за девојче.

– Првично сликите со алманах нè чинеа 750 денари, па ни побараа уште 50, па уште 50 денари. Значи, само за тоа 850 денари. За ресторан треба да платиме 850 денари. А пред две недели беа на екскурзија, за што платив 3.000 денари. За гардеробата, чевлите уште не сме ги купиле, планирам да одвојам околу 6.000 денари. Прослава приватно во кафеана не планирам да правиме. Па не одбранил докторат за да правам такво нешто. Дома ќе дојдат само најблиските, но и за подготовка на храна и пиење сигурно ќе ми требаат околу 3.000 денари. Како и да е, моето дете е скромно, па не бара дополнително некакви скапи подароци, како што бараат некои други деца – вели Цветанка М., мајка на деветтоодделенец во Општина Аеродром.

Се троши и на подароци за партнерите

Наставниците со кои поразговаравме на темава велат дека секоја година сè повеќе се претерува во славењето на полуматурата. Во некои училишта деветтоодделенците купуваат и подароци за своите партнерки, а исто така родителите треба да дадат пари и за после забавата, односно за следното утро, за блех-музичарите што доаѓаат да ги забавуваат децата во училишниот двор.

– Интересна тема за анализа е во што се претворија полуматурските прослави. Дали славењето на крајот на основното образование треба да личи на бал, односно дали ова славење треба да изгледа како свадба? Во Општина Аеродром се слави во кафеани, ресторани со народна музика и плус со диџеј. Родителите трошат премногу пари, а според мене, непотребно – вели наставничка во едно основно училиште во Аеродром.

Нè прави ли среќни споредбата со другите?

Живееме во време кога е важно децата нешто да имаат, а не нешто да знаат.
Проф. д-р Софија Арнаудова, психолог, која предава неколку предмети на Филозофскиот факултет, меѓу кои и социјална работа со деца и млади, вели дека, за жал, денес децата растат во идеологијата на консумеризмот, а тоа е единствената идеологија што ја имаме.

Целиот текст прочитајте го на ДЕЦА.