За првпат ќе се гласа три дена, кој ќе гласа денес ?

|

Гласањето на десетите, предвремени, парламентарни избори во Северна Македонија започнува денес и за првпат ќе се гласа три дена.

Денес ќе гласаат оние кои кои се во самоизолација или позитивни а се пријавиле да гласаат во законски зададениот рок. Што значи 716 лица во вкупно 57 општини во државата, ќе гласаат на локацијата на која се наоѓаат. За нив е формиран посебен избирачки одбор во кој како членови ќе има и здравствени работници и претставници на политичките партии.
Оние кои во последните неколку дена завршија во изолација нема да може да го остварат своето право на глас.

Гласањето во вторник ќе го спроведат избирачките одбори а ќе гласаат болните, немоќните, хронично болните, лицата во затворите, во старските домови и во домашен притвор.
ДИК информираше дека од пријавени 9.499 болни, немоќни и хронично болни лица во Општинските изборни комисии (ОИК) прифатени се барањата на 8.852 лица.

На 15 јули, во среда, гласањето ќе започне од 7 часот, но ќе трае до 21 часот, односно ќе биде продолжено два часа подолго отколку порано.
Во избирачкиот список има заведено 1.814.263 лица. Тие ќе можат да гласаат на едно од 3.480 избирачки места во шест изборни единици. Гласачите ќе имаат можност да изберат еден од 1.578 кандидати за пратеник на 15 партии и коалиции.

Гласањето ќе се одвива според безбедносни протоколи за заштита на здравјето на граѓаните подготвени од Комисијата за заразни болести. Во ист момент ќе може да гласаат онолку граѓани колку што има кабини во просторијата.