Ако сакате да работите во Германија, најдобро ќе поминете доколку сте стоматолог бидејќи тие заработуваат околу 117.000 евра годишно или 9.750 евра месечно, додека пак бруто платата на општите доктори изнесува 78.000 евра гоидшно, а менаџерите на финансиските фондови околу 75.000 евра.
За жал, поголемиот дел од Македонците кои работат во Германија се занимаваат со оние помалку платени позиции. На пример, собарките во хотел заработуваат годишно околу 19.000 евра (околу 1580 евра месечно), додека пак хигиеничарките во угостителскиот сектор земаат 1.000 евра повеќе на годишно ниво.
Платата на фризерите е 21.000 евра годишно (1.750 евра месечно), на келнерите 22.000 евра (1.830 евра месечно), а операторите во контакт центар 24.000 евра (2.000 евра месечно) исто колку што заработуваат вработените на благајна и рецепција.
Готвачите работат за годишна плата од 25.000 евра годишно, стоматолошките техничари за 26.000, а возачот на камион 27.000 евра.
Најголемиот дел од странските работници во Германија се вработени во месната индустрија (40% од вкупниот број на вработени во дејноста), производство на храна (37% од вкупниот број на вработени во дејноста) и во градежната индустрија (34% од вкупниот број на вработени во дејноста). Веднаш потоа, следуваат дејностите: одржување и хигиена (30%), хотелиерство (25%), транспорт и логистика (23%) и метална индустрија (20%).
Во Германија моментално работат 400 илјади Полјаци, 310 илјади Романци и 260 илјади Италијанци.