За вградување на плин во кола, државата ќе дава по 300 евра

|

За да се подобри животната средина и новиот возен парк во земјава, Министерството за економија готви предлог што ќе биде дел од Законот за возила каде се предвидува Програма за субвенционирање на трошоци за вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во постоечките возила.

Во програмата се предвидува да се субвенцинира 50% од цената на трошоците за набавка и вградување на плински уред, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност за возило. Предвидено е да бидат опфатени над 1200 возила на годишно ниво, а мерката ќе стартува од оваа година иако се уште не е прецизиран точниот датум.

Анализите покажуваат дека Авто ТНГ горивото или популарно наречен плин за возила веќе со децении наназад претставува најпопуларно алтернативно гориво за возилата на македонскиот пазар. Во моментов цената е 35 денари за литар, што е предност во споредба со останатите видови моторни горива, а тоа овозможува брзо враќање на вложените средства за вградување на уредот на плин. Во земјава се возат нешто повеќе од 400.000 од кои околу 60% се дизел автомобили, а од останати кои се бензинци, пак половина имаат вградено плински уред. Тоа покажува дека околу 100.000 автомобили возат на плин. Од Новус велат дека еден плински уред што се вградува чини од 300 до 1.100 евра во зависност од видот на возилото. Според Џулијано Петров менаџер во плинскиот оддел на Новус плиност според неговата цена дефинитивно е најевтино и најекономично гориво.

-Интересот за врградување на плински уреди е голем. Во Новус тие се местат за еден ден, а на секои 15.000 километри вршиме контрола и сервис – појаснува Петров.

Тестирање на плински уред се врши на Машинскиот факултет во Скопје, но има и неколку станици за технички преглед и регистрација на возила кои прават Атест на плинските уреди. Исто така во предложените измени на Законот за возила што Владата ги достави до Собранието предвидени се и субвенции за купување електрични и хибридни возила, како и за купување ново возило, но доколку старото се одјави. Според предлогзаконското решение, во наредните три години за оваа намена од државната каса ќе се одлеат 12 милиони евра. Само за идната 2019 година се наменети 2,8 милиони евра, за 2020 година – 4 милиони евра, а за 2021 година – 5,2 милиони евра.

Како што информираат од ресорното министерство во Програмата за субвенционирање на купување нови хибридни и електрични се предвидува субвенција од 5.000 евра за набавка на електрично возило, а за набавка на хибридно возило субвенцијата е 3.000 евра. Во првата година е предвидено да се опфатат набавки на повеќе од 200 електрични и хибридни возила. Во првата половина од 2018 година од вкупно 1.755 продадени нови возила само три се електромобили, а 27 хибриди.