Забрана за употреба на пластични кеси преку новата иницијатива

ИЗВОРНов Лист
|

Иницијативата за забрана на пластични кеси беше формирана од група еколошки активисти. Екологистите поддржувачи на Иницијативата бараат од надлежните без одлагање да донесат законска одредба за забрана на пластичните кеси за пазарење и да воведат нови, вистински биоразградливи, според европските стандарди, а истовремено, кај потрошувачите да се поттикне создавањето навика за користење на платнени торби за повеќекратна употреба.

– Забраната на дел од пластичните кеси е мерка за која сегашната Влада изрази намера да ја реализира. Забраната ќе се однесува на пластичните кеси што не се биоразградливи, додека во промет би продолжиле да се пуштаат биоразградливи пластични кеси при што нивната цена би се зголемила на 10 денари, велат од Иницијативата.

– Јануари се ближи, а овие мерки не се спроведени. Не само што новиот закон не е усвоен, туку е уште една фаза поназад, односно не е ни испратен до Собранието на усвојување. Новиот состав на Собранието веќе е конституиран, новата Влада е избрана и веќе работи. И покрај неопходните итни мерки што треба да се преземат во однос на пандемијата со ковид-19, сметаме дека е неоправдано во недоглед да се одолговлекува забраната на пластичните кеси која беше најавена за 1 јануари 2021 година, наведуваат од Иницијатива за забрана на пластични кеси.

Количеството на пластични кеси останало на високо ниво, посочуваат од иницијативата. Според некои податоци, кај нас секоја година се користат половина милијарда пластични кеси. Откако еднократно ќе се искористат, тие завршуваат на депониите, каде што се горат, при што го загадуваат ионака загадениот воздух, или се фрлаат по улиците. Така, не само што ја нагрдуваат нашата околина, туку и често завршуваат во водните текови каде што го трујат живиот свет што ги консумира, мешајќи ги за храна, нарушувајќи го синџирот на исхрана што несомнено се одразува и на квалитетот на живот.

– Се може без пластични кеси! Бараме од Владата под итно да го заврши она што го најави. Бараме во промет да се пуштаат единствено биоразградливи пластични кеси за пазарење, кои ќе ги исполнуваат еколошките стандарди, се вели во во соопштението од Иницијатива за забрана на пластични кеси.