„Забрането е да се јаде во гардероба – јади во ВЦ“ – Лошо искуство на вработена во бутик

ИЗВОРСкопје24
|

Во потрага по егзистенција многу често прифаќаме „било што“, со надеж дека брзо ќе ја најдеме работата која навистина ја сакаме. Ова никако не е погрешно, секое искуство е добредојдено и подобро е да се заработува нешто, отколку ништо. Сведоци сме на многу успешни приказни на луѓе кои почнале како келнери, шанкери, продавачи а денес се на чело на сериозни светски компании.

Но, за жал има и луѓе кои ја искусиле и другата страна на приказната. Едно вакво искуство сподели skopjeinfo.mk, ви го пренесуваме во целост:

Офелија е дипломиран економист. По кратко време откако дипломирала, случајно на Фејсбук и излегол оглас за работа во некој бутик. Решила да си ја проба среќата и да аплицира. Сакала да работи било што, додека да си најде работа во струката, да биде економист. За среќа, за еден ден и се јавиле да оди на интервју во тој бутик. И понудиле плата од 7.000 денари, плус процент од продаденото. Работа за шест часа на ден. Офелија, се размислила, но ја прифатила понудата, сметајќи дека подобро да зема некој денар, откако да седи дома за без пари.

Веќе од наредниот ден, морала да тргне на обука. Била на обука две недели. Неплатена обука. Како да работиш кој знае каде, а не во обичен бутик. Но поминало и тоа.

Три камери, на секој страна. Униформа, која што мораш самиот да си ја платиш некој да ти ја сошие. Немаш право на мобилен телефон. Не смееш да излегуваш пред врата. Не смееш да јадеш внатре, не смееш да седиш. Мораш да работиш и тогаш кога нема работа и уште еден куп обврси.

-Се прифатив. Не ми беше проблем. Сметав дека нема да имам проблем. Но, не беше така. Уште првите денови, бев мета на камерите. Не ми е јасно како некој нема друга обврска, туку седи по цел ден да гледа, како се однесуваат продавачките. Секој ден чистиш, бришеш прашина, редиш и прередуваш. Тоа ти е работа. Дури и кога се ќе ти биде средено, почнуваш пак од почеток. Еден ден, беше дождливо. Немаше луѓе. Можеби пет пати ги избришав кутиите од прашина. На вибер ми стигна порака, дека нема потреба по пет пати дневно да бришам… Се зачудив, како некој цел ден седи пред камерите. Поминав низ секоја порака, а дневно добивав можеби по пет такви со критики. Зошто им се смешкам на муштериите? Зошто некој дошол да ме поздрави? Но, никако не можев да поминам преку една порака, која гласеше вака: “Офелија јас ќе те замолам, веќе да не јадеш во соблекувалната. Јади во ВЦ. И не се задржувај многу… ” Бев запрепастена. На секоја порака јас одговарав со ОК, но не можев и на ова. Само му пишав, дали и вие дома јадете во ВЦ? Дрскост, ароганција и безобразност. Знаев дека тука е крај на мојата работа кај него, раскажува Офелија.

Дали оваа приказна е реална не можеме да тврдиме, но доколку некој се пронајде во газдата на Офелија – под итно да се замисли!

Текстот е превземен од skopjeinfo.mk