За денеска е закажана седница на Централниот одбор на владејачкиот Социјал демократски сојуз, се очекува промени на партиски кадри и кадри од извршната власт.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, пред неколку дена објави дека ги разрешил сите 78 претседатели на општинските организации и многу е веројатно дека утре ќе биде опфатена повисоката партиска структура, пишува ТВ21.
Заев по првиот круг од претседателските избори, во кој разликата помеѓу кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беа многу мали, најави дека ќе „заигра метлата“ во извршната власт, односно дека некои министри ќе бидат сменети.
Најавите за промени дојдоа со неконкретен датум, но би требало да биде на почетокот јуни.
Како што пишува ТВ21, неофицијално, покрај директори на јавни претпријатија кои не ги исполниле очекувањата, сменети ќе бидат и пет до шест министри.
Заев веќе оствари средба со својот коалиционен партнер од ДУИ Али Ахмети. Неофицијално, Заев инсистирал Садула Дураку, министерот за животна средина да биде сменет а премиерот бил спремен на Ахмети да му го предаде Министерството за транспорт и врски со што би бил променет и Горан Сугаревски, кој што сега како кадар на СДСМ е министер за транспорт.
Другите кадри на ДУИ во Владата, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за образование Арбен Адеми, според изворите на ТВ21 би требало да останат на функцијата.
Извор: slobodenpecat.mk