Заев: Лицата во изолација и заразените може да гласаат од дома или во болница

ИЗВОРНов лист
|

Нема можност за трета лидерска средба, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, но има уште два дена до истекот на вонредната состојба за да се направат евентуални промени во Изборниот законик.

Тој објасни дека со здравствените протоколи е предвидено лицата во самоизолација да гласаат заедно со болните и изнемоштените лица, ден пред изборите, а избирачките тимови да ги посетуваат дома. Во однос на заболените од болеста, Заев кажа дека се размислува да се состават здравствени избирачки одбори кои би ги посетиле инфицираните дома или во болница.

„Овој пат според здравствените протоколи кои се работат и се предадени од МЗ на ДИК, работи и ИФЕС кој работи често на изборите за здравствените протоколи и по нив е предвидено проширувањето на протоколите на болните и изнемоштени лица кои што гласаат во саботите. Во такви околности тоа значи дека покрај редовно пријавените болни изнемоштени луѓе таа листа би се проширила со луѓето кои се во самоизолација. Јас би апелирал, тоа одлука на ДИК или на Комисијата за заразни болести, листата да се прошири со хронично болните луѓе, бидејќи не мора да ризикуваме кога тимови на избирачкиот одбор да ги посетат дома. Би препорачал и знам дека се размислува за тоа да има здравствени избирачки одбори. По градовите секаде имаме болници каде би имало избирачки одбори составени од здравствени работници кои би ги посетиле позитивните на болеста, односно луѓе кои се дома или во болници, доколку одлучат да го искористат правото на глас“, рече Заев.

За измени на Изборниот законик, лидерот на СДСМ кажа дека е потребен консензус, па оттука, останува неизвесно дали ќе биде продолжено времето на гласање, но и, дали болните и изнемоштени, како и лицата во самоизолација, ќе гласаат два дена пред избори, како и продолжување на изборниот молк.

„Кога постоеше канал за комуникација, имав прилика да разговарам со Мицкоски и другите политички партии. Генерално сите беа позитивни за среда да бидат изборите. Тоа е затоа што е неработен ден, може да се продолжи гласањето до 21 часот, летен период е, можеме слободно плус два часа, би ги платиле повеќе членовите на избирачките одбори и би имале повеќе работно време во текот на избирачкиот ден. Молкот би траел два дена во таков случај, би им дале можност на болните и изнемоштени со проширени листи да гласаат. Но тоа во случај ако се постигне договор меѓу политичките партии за кој што, за жал гледам дека уште го нема, затоа што промената на изборниот закон и недела да се направи среда за гласање, а сабота да се направи понеделник и вторник за болни изнемоштени, не треба Владата сама да прави промени во такви делови на Изборниот законик, затоа што за вакви работи се постигал консензус. Ова може да се случи со консензус. Доколку нема, недела останува изборниот ден“, додаде Заев.

Извор: Макфакст