Заев: Владата ја разгледува опцијата апликацијата „Телеграм“ да биде блокирана

ИЗВОРТелма
|

Доколку социјалната мрежа „Телеграм“ не одговори позитивно на барањата испратени од владта за бришење на групата „Јавна соба“ во која што се споделуваат несоодветни материјали од жени и девојки, Владата ја разгледува опцијата апликацијата да биде блокирана или ограничена за користење во Македонија, објави премиерот Зоран Заев.

„Испративме категорични барања до социјалната мрежа Телеграм да ја избрише групата „Јавна соба“ и нема да престанеме да инсистираме на тоа барање сѐ до негово конечно исполнување. Доколку апликацијата Телеграм не го затвори каналот Јавна соба каде се споделува несоодветни и приватна содржина од наши граѓани, како и детска несоодвентни, ќе ја разгледаме и опцијата за блокирање или рестрикција на користењето на оваа апликација во Македонија, сѐ додека не почнат да соработуваат со нас, со единствена цел да се затвори проблематичната група и да ни помогнат во откривање на идентитетот на оние кои споделуваат слики и прават кривично дело“, објави Заев во статус на Фејсбук.

Заев додава дека целта на една ваква постапка не е цензура, туку заштита на граѓаните.

„ Денес ова се случува на Телеграм, а утре можеби на некоја друга платформа, затоа ние имаме задача и обврска да направиме сѐ да обезбедиме соодветна реакција и од оние кои ги создале овие платформи каде се случуваат вакви кривични дела. Се надевам дека нема да има потреба од рестрикции за Телеграм и дека уште денес ќе одговорат на нашите бројни барања и ќе почнат да соработуваат“, пишува Заев.

Тој упати порака до членовите група со предупредување да престанат со споделување на несоодветна содржина и злоупотреба на податоци на и да излезат од групата.

До жртвите на „Јавна соба“ премиерот испрати порака дека ќе бидат преземени сите неопходни чекори да бидат заштитиме и да се казнат сторителите на овие грозни дела.