Околу 17 часот се собраа неколку илјади луѓе во главниот град на Македонија пред почетокот на третата „Парада на гордоста“ во Скопје. Годинешниот слоган на „Skopje Pride“ гласи „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда.“.
Протестниот марш низ улиците на Скопје почна во 19 часот, а ќе продолжи кон Стадионот на АРМ.
-Јас сум тука за сите млади кои се уште трагаат по самите себе. Тука сме за сите што биле избркани од дома дека се геј или од работа затоа што се транс. Ние сме тука за да го реобликуваме во нормално тоа што многумина го мислат за ненормално, изјави една од говорничките на парадата.
Низ градските улици беше забележано и големо присуство на полициски службеници. Меѓу присутните на парадата има и владини министри.
Настанот е во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија. Првиот „Skopje Pride“ се одржа во 2019 година, а по една година пауза поради панде мијата, втората парада се случи минатото лето.