Затворен базенот во Борис Трајковски: Дефект или се штеди струја?

|

Затворен е единствениот државен базен во Скопје, каде голем број репрезентативци, ученици во пливачки школи, деца со здравствени проблеми тренираат, а сега останаа без нив. На влезот е објавено соопштение дека базенот не работи, но не пишува до кога, пишува Сител.

Професорката и поранешна репрезентативка Наташа Мешковска се сомнева дека надлежните штедат поради поскапувањето на струјата. Мешковска бара државата под итно да го реши проблемот и базенот кој е изграден од самопридонес на граѓаните да биде вратен во функција.

Во базенот Карпош пливаат и деца со здравствени проблеми на кои им се неопходни два до три тренинзи неделно за нормално да функционираат.

Според она што го дозна Сител ТВ Базенот бил затворен поради сериозен дефект кој е поврзан со затоплувањето на базенот. Ист ваков проблем имале и пред 4 месеци и се сомневаат дека е предизвикано од прекини во електричното напојување. Директорот тврди дека базенот не го затвориле поради високите сметки за струја кои вели им се четирикратно зголемени.

Секој професионален пливач дневно треба да направи два тренинзи во базен и да исплива 15 км за да се одржува во форма. Прашање е дали и како ќе тренираат бидејќи во исто време затворен е и државниот базен во Куманово, па единствена опција која им останува на пливачите е да плаќаат приватно. Таква опција има во Олимписки базен каде во функција е само малиот базен или пак да си резервираат место во некој од полуксузните комплекси во кои има затворен базен.