На денешната 36 седница, на предлог на Министерството за одбрана, Владата на Република Северна Македонија ја усвои Информацијата и го донесе Годишниот план на Владата на Република Северна Македонија за склучување на договори за набавка на стоки, услуги и работи во областа на одбраната и безбедноста со влади на странски држави за 2022 година.
Планот содржи 8 проекти кои ќе се реализираат преку склучување на договори за набавка на стоки, услуги и работи во областа на одбраната и безбедноста со влади на земји членки на Алијансата, со кои согласно Планот за модернизација на Армијата се предвидени набавки на лесни оклопни возила на тркала (проект во континуитет), специјални возила за посебни намени, артилериски системи 105 мм и муниција 105 мм, ПВО систем на многу мали височини, ремонт на транспортни хеликоптери, опрема за извидување и разузнавање, комплет за контрола на здружен оган Joint Terminal Attack Controler (JTAC) и лесни оклопни бор бени возила за специјални сили.
Со наведената опрема ќе се зголеми опременоста на Армијата на Северна Македонија и нејзината интероперабилност со армиите на сојузничките земји.
На оваа своја седница Владата ја разгледа и усвои Информацијата за клучни достигнувања, заложби и координација во спроведувањето на Стратегија за Роми 2022-2030 година.
Станува збор за точка која ги сублимира социјалните и економски политики кои се насочени во поддршка на ранливите заедници во нашето општество, во овој случај ромската заедница, вклучени во Стратегијата за инклузија на Ромите за периодот од 2022 до 2030 година.
Согласно заклучокот за статусот на спроведувањето на клучните мерки и програми од Стратегија за Роми 2022-2030 година, Владата ги задолжи надлежните министерства вклучени во реализацијата на стратегијата да ги утврдат приоритетите од стратегијата за 2022 година и во форма на акциски план да ги презентираат на тематска седница којашто ќе биде посветена на унапредување на интеграцијата на Ромите во Северна Македонија.
Владата денеска ги утврди измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата со коишто се врши усогласување со Законот за минимална плата за да се постигне еднаквост на сите вработени во приватниот и јавниот сектор со најниски примања преку воспоставување на ист износ на законска минимална плата, за да се опфатат со корекции во однос на минималната плата и категоријата негувател/помошно-стручен работник-приправник во секторот детска заштита.
Владата ги утврди и изменувањата и дополнувањата на Законот за пензиското и инвалидското осигурување за пресметка на платите на вработените во стручната служба на Фондот со цел усогласување со Законот за минимална плата и со Законот за административни службеници.