Потребни состојки:
4 компири со средна големина
4 лажици маслиново масло
Прстофат сол
Прстофат бибер
Неколку лажици пармезан
Начин на подготовка:
Излупете ги компирите и добро измијте ги, а потоа исечкајте ги на парчиња со големина од околу 1,5 сантиметри. Наполнете голем сад со ладна вода (можете во неа да додадете и лед) и ставете ги внатре исечканите компири. Во меѓувреме вклучете ја рерната на 220 степени, а на тава за печење поставете алуминиумска фолија и премачкајте ја со маслиново масло.
Добро исцедете ги компирите и темелно исушете ги со чиста памучна или хартиена крпа. Ставете ги во пластичен сад со капак, додајте го маслиновото масло и затворете ги. Протресете го садот така што ќе се погрижите маслото да се нанесе на сите компири, а потоа отворете го, додајте сол и бибер и затворете го повторно. Протресете.
Префрлете ги компирите во тавата за печење која претходно ја премачкавте со маслиново масло и печете на околу 220 степени, 12-тина минути, а потоа свртете ги на другата страна и вратете ги назад на уште 12 минути. Откако ќе се испечат, префрлете ги во чинија и сипете врз нив пармезан. За поинтензивен вкус, можете да додадете и исечкани чили пиперчиња. Пријатно јадење.