Зеќири останува во Шутка, одлучи Апелација

|

Тројцата судии од Апелациониот суд решија дека поранешниот пратеник и секретар на владата, Мухамед Зеќири треба да продолжи да издржува притвор во истражниот затвор во Шуто Оризари.

Одлуката ја донесоа по четири денови мислење, бидејки сметаат дека можно е тој да избега и да влијае на постапката која се води против него, па така, ниту мерката домашен притвор не е доволна.

Мухамед Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителството, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.

„Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.

Дента кога му беше одреден притвор, Зеќири даде оставка и од позицијата генерален секретар на Владата.