Земјата можеби веќе има стигнато до „критичниот праг“ на климатските промени, што ќе доведе до катастрофален домино-ефект, кој е закана за постоењето на цивилизацијата.
Можеби веќе ја турнавме нашата планета преку неколку критични прагови и кон сценариото во кое Земјата почнува „сама да го засилува“ глобалното загревање во низа незапирливи циклуси со уништувачки повратни ефекти, предупредуваат научниците, кои повикуваат на итна меѓународна реакција.
Повеќе од половина од критичните прагови утврдени пред една деценија сега се „активни“, што носи непосредни закани, вклучувајќи губење на амазонските тропски шуми и на големите ледени плочи на Антарктикот и Гренланд. Сите тие во моментов претрпуваат големи и досега невидени промени, многу порано отколку што се очекуваше.
Ова претставува „егзистенцијална закана за цивилизацијата“, за што е потребна „итна реакција“.
Пишувајќи во списанието Нејчр, научниците велат дека се зголемуваат доказите дека овие настани се сè поверојатни и сè повеќе заемно поврзани отколку што досега се сметаше, и дека може да доведат до катастрофален домино-ефект.
Но тие велат дека масовната вонредна акција за намалување на емисиите на стакленички гасови ќе помогне да се забават некои од овие процеси, што на Земјините видови ќе им даде повеќе време да се приспособат и да го избегнат најлошото сценарио на „стакленичка“ Земја, во која на нашата планета едвај би се живеело.
„Зголемената закана од брзи, неповратни промени значи дека веќе не е одговорно да се чека и да се види. Ситуацијата е алармантна и ни треба брза реакција.“
Ова е она што сега почнуваме да го гледаме, веќе на 1 степен глобално загревање. Научно, ова дава силен доказ за прогласување планетарна вонредна состојба, за да се покренат светски активности што ќе го забрзаат патот кон еден свет што може да продолжи да се развива на стабилна планета“.
Во моментов нашата планета е на пат кон катастрофа: дури и ако сите држави потпишани на Парискиот договор ги исполниле своите цели за емисија на гасови, сепак до крајот на веков ќе имаме „најмалку 3 степени глобално загревање“, велат научниците.
Штом ќе се достигне еден критичен праг, тоа значително го зголемува ризикот да бидат достигнати и другите прагови, велат научниците.
Но состојбата веројатно може да стане многу полоша.