Земјотрес од 5,3 степени вечерва го потресе регионот

ИЗВОРСкопје24
|

Земјотрес со интензитет од 5,3 степени според Рихтеровата скала попладнево го погоди реонот на грчкиот остров Родос, што се наоѓа во југоисточниот дел на Егејското Море.

Атинскиот институт за геодинамика соопшти дека земјотресот се случил на околу 10 километри под морското дно, со епицентар на 60-тина километри јужно од Родос.

Засега нема информации за евентуални жртви и предизвикани материјални штети. Во истиот регион земјотрес со нешто послаб интензитет беше регистриран и во вторникот.

Земјотресот тогаш беше со јачина од 4,8 степени според Рихтер и беше регистриран во источниот дел на Егејското Море, јави геолошката служба на САД. Епицентарот на земјотресот бил на околу 167 километри западно од островот Родос и на 286 километри југоисточно од Атина. За среќа не беше направена материјална штета, ниту пак имаше повредени лица.

Во Грција се случуваат скоро 90% од сите земјотреси кои се регистрираат на територијата на Европската унија.