Малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се зголемуваат во просек за 3,21%, информираат од Регулаторната комисија за енергетика.
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 3,00 денари/литар, односно за 2,50 денари/литар, во однос на цените утврдени со Одлуката од 01.04.2019 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 71,50 денари/литар, додека малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 73,00 денари/литар.
Малопродажните цени на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1), се зголемуваат за 1,50 денари/литар, во однос на цените утврдени со Одлуката од 01.04.2019 година и со тоа малопродажната цена на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 62,50 денари/литар, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1)
изнесува 51,00 денар/литар.
На светските пазари цените на нафтата бележат раст и минатата недела, шеста недела по ред.
Тоа значи дека достигнале највисоки нивоа од ноември минатата година, што е најмногу последица на намалувањето на понудата од Венецуела, Иран и Либија. На пазарот во Лондон цената на барелот минатата недела порасна за 1,7 отсто, на 71,55 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапел за 1,30 отсто на 63,89 долари.
Цените на нафтата од почетокот на годината се зголемија од 30 отсто и ги достигнаа најголемите нивоа од почетокот на ноември минатата година, за што најзаслужно е намалувањето на производството од страна на ОПЕК.
Опек, заедно со група независни произведувачи на чело со Русија, се придружува на минатогодишниот договор за намалување на производството за 1,2 милиони барели дневно, што ги поддржува цените.
Цените на нафтата растат и поради санкциите на САД на нафтениот сектор на Иран и Венецуела, што дополнително ја ограничува понудата на пазарот.
Понудата на пазарот би можела да биде намалена поради судирите во Либија помеѓу меѓународно признатата либиска влада и бунтовнички сили.
Шефот на либиската национална нафтена компанија кон крајот на минатата недела предупредил дека обновените борби би можеле целосно да го блокираат производството на сирова нафта во таа земја.